Сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор бидејќи ќе има импликации на инфлацијата. Зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор, вели министерот за финансии

Плата повисока за 78 отсто за април зел министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој денеска ова го потврди на средба со новинарите. Како што рече Бесими, досегашната плата му била 71 145 денари, а за последниот месец, април, зел 125 960 денари.
Бесими рече дека зголемена плата за 78 отсто им се исплаќа на 1 060 функционери и дека за таа намена до крајот на годинава од Буџетот ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари.
„Добро е што Уставниот суд го укина спорниот член од 2012 година за коефициентите на платите наместо да го поништи. Ако го поништеше, на функционерите ќе требаше да им се исплати застанат долг за речиси 11 години со затезни камати“,
рече Бесими.
Министерот Бесими смета дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.
„Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо“,
рече Бесими.
Неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Одредбата за коефициентите на плати донесена во 2012 година пред Уставниот суд беше оспорена од адвокат. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите и другите избрани лица.
По одлуката на Уставен, од Владата рекоа дека таа е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти.
Одлуките на Уставниот суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, посочија од Уставниот суд.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, за одлуката на Уставен суд, рече дека Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите од него па до локална самоуправа да останат на истото ниво на кое се сега, со измена на коефициенти и со измена на основица.