Министерот за финансии на брифинг со новинарите посочи дека листата на производи опфатени со Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ била долго време на расправа и на увид кај засегнатите страни и оти досега немало никакви реакции. Сепак, вели дека можни се пропусти, кај, како што рече минорен број на артикли
Во однос на евентуални технички пропусти и проблеми при практичната примена на Одлуката, имајќи ги предвид дилемите околу тарифирирањето, министерот за финансии рече дека ќе се интервенира, за што се разговара со Царинската управа
Основните прехранбени производи нема да поскапат, бидејќи тие не се опфатени со Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, која Владата ја донесе на 28 септември, а која стапи на сила на 6 октомври.

Ова на брифинг со новинарите во петокот го кажа министерот за финансии Фатмир Бесими, откако во јавноста се крена прашина дека на листата на производи кои од вчера се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 10 осто, односно спаѓаат во графата на „луксузни“, има и производи кои се дел од основната потрошувачка кошничка на граѓаните и за кои даночната стапка останува пет проценти. Бесими уверува дека нема никакви промени во однос на минималниот стандард.
Тој на брифингот посочи дека листата на производи опфатени со Одлуката била долго време на расправа и на увид кај засегнатите страни страни и оти досега немало никакви реакции.
Сепак, вели дека можни се пропусти, кај, како што рече минорен број на артикли, пренесе МИА.
Во однос на евентуални технички пропусти и проблеми при практичната примена на Одлуката, имајќи ги предвид дилемите околу тарифирирањето, министерот за финансии рече дека ќе се интервенира, за што се разговара со Царинската управа.
„Целта на Одлуката е јасна, основните прехранбени производи остануваат со пет проценти даночна стапка. Тоа е јасна цел, позиција и политика на Владата. Со оваа Одлука остануваат со пет проценти прехранбените производи што се во потрошувачката кошничка. Што се однесува до минималниот стандард нема никакви промени“,
вели Бесими.
Дилеми во врска со тарифирањето
Според МФ, дилемите и реакциите во врска со тарифирањето се јавуваат затоа што досега даночната стапка била една и тарифирањето било поедноставно.
„Сега на пример за некој кашкавал којшто бил увозен во истата тарифна ознака влегува и некој од домашните. Тоа се одредени дилеми кои можеби се нејасни, но ќе ги исправиме, но не се повеќе од две или три тарифни ознаки. Имаше за пример урда и моцарела со ист тарифен број. На моцарелата и нула проценти да ѝ ставиме, цената ѝ е висока и не може секој граѓанин да си ја дозволи. Тарифниот број бил ист и не можел да се издвои затоа што досега немало потреба. Ќе гледаме со Царината ако може да се изменат тие тарифни броеви“,
вели министерот и посочува дека ако има реакции за нешто што е оправдано ќе се реагира.

Тој вели дека споредено со другите држави од регионот и од Европската Унија и со оваа Одлука земјава останува со најширока листа на производи со најниска повластена тарифа.
„Споредено со другите држави од регионот ние сме со најниска основна стапка на ДДВ од 18 проценти, кај останатите е 20, 23, 25, 27… И во таква ситуација сме со најниска повластена стапка и за разлика од некои што имаат само една повластена стапка ние имаме две. Кон оваа Одлука е пристапено многу внимателно во однос на заштитата на стандардот, особено за тие со пониски примања и таа нема да влијае на производите што се на листата на времената мерка на Владата за гарантирани цени“,
вели министерот Бесими.
По реакциите во јавноста од Министерството за финансии излегоа и со соопштение во кое посочија дека Одлуката содржи над 1 600 производи кои и понатаму ќе продолжат да се оданочуваат со најниска даночна стапка од пет проценти.
„Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејпфрут), брашно од пченица и и брашно од жита, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, паплини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, кечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени… На листата меѓу другото се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи а додека пак прометот на пелетите за греење останува да се оданочува со 5 отсто“,
се наведува во соопштението на МФ.
Листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10 отсто, додаваат од министерството, се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза, а дел од нив не се препорачуваат за човековото здравје.
„На оваа листа меѓу другите се различни производи од лосос, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така, поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата“,
појасија од Финансии.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи излезе со став дека не е вистина дека има зголемување на цената за илјада производи, туку се опфатени 358 категории на производи. Според него, граѓаните најмногу реагираат за зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто за 10 прехранбени производи кои се опфатени со одлуката за зголемено ДДВ и вели дека нема никаков проблем Владата уште на наредната седница во вторник да направи измена на одлуката за тие производи.
Со порака до граѓаните да бидат спокојни и дека производите кои се продаваат со „гарантирана цена“ нема да поскапат се јави и министерот за економија Крешник Бектеши.
„Министерството за економија целосно стои зад Одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи која ја донесовме пред две недели. Најмалку до 30 ноември, до кога е на важност оваа одлука, отстапување од нејзе нема да има. Сите производи кои се опфатени во Одлуката за намалување на цените на Министерството за економија ќе останат со даночна стапка од пет проценти“,
напиша Бектеши на Фејсбук.
Во случај да има техничка грешка во листата на производи опфатени со Одлуката на Министерството за финансии за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, Бектеши вели дека тоа ќе биде корегирано на следната седница на Владата.
„Цените на основните прехранбени производи можат само дополнително да се намалат, но не и да се зголемат“,
додава министерот за економија.