Вкупната инвестиција во овие автопати е 1,3 милијарда евра, која заедно со поврзаните инвестиции ќе достигне ниво од 10 отсто од нашиот БДП. Изградбата на коридорите 8 и 10-д се очекува да донесе значајни финансиски и економски придобивки за државата, стопанството и населението. Севкупно гледано, оваа инвестиција ќе има директен позитивен ефект врз реалниот сектор на државата, пишува Бесими во својата последна колумна

Изградбата на коридорите 8 и 10-д ќе го зголеми номиналниот БДП за повеќе од два отсто годишно, тврди министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна што ја објави МИА.
Според Бесими, самиот процес на градење ќе го донесе овој раст, а понатаму ќе има и други финансиски придобивки.
„Инвестицискиот мултипликатор и севкупниот ефект на овој проект врз растот на бруто домашниот производ, се проценува повеќе од два отсто од номиналниот БДП годишно“,
пишува Бесими.
Според Бесими, изградбата на четирите делници нов модерен автопат од шест ленти, поточно 110 километри нова, модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа на потезите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола е од исклучително економско и геополитичко значење, како за државата така и за регионот.
„Вкупната инвестиција во овие автопати е 1,3 милијарда евра, која заедно со поврзаните инвестиции ќе достигне ниво од 10 отсто од нашиот БДП. Изградбата на коридорите 8 и 10-д се очекува да донесе значајни финансиски и економски придобивки за државата, стопанството и населението. Севкупно гледано, оваа инвестиција ќе има директен позитивен ефект врз реалниот сектор на државата“,
нагласува Бесими.
Тој вели дека директниот ефект од изградбата на коридорите 8 и 10-д врз номиналниот бруто-домашен производ на државата се проценува на дополнителни два отсто годишно, за време на реализацијата на проектот. Инвестициите по основа на овие проекти на годишна основа, како што вели министерот, во периодот од 2023 до 2027 година, се движат од 240 до 320 милиони евра годишно.
„И домашните фирми и граѓаните ќе имаат финансиски придобивки од изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д. Околу 50 отсто од градежните работи на овие патишта ќе бидат реализирани од страна на домашните претпријатија, кои би заработиле околу 700 милиони евра по оваа основа. Дополнителен ефект врз стопанството ќе има и растот на побарувачката кај одредени индустрии кои ќе бидат поддршка на изградбата, како производство на градежни материјали, земјоделство, храна и прехранбени продукти, транспорт и складирање и други услужни дејности“,
додава тој.
Бесими вели дека една од најважните придобивки се новите работни места. Ангажирањето на домашни подизведувачи и домашна работна сила ќе влијае позитивно врз пазарот на труд во државата и намалување на стапката на невработеност. Министерот вели дека, според проценките, за изградба на автопатите директно ќе бидат ангажирани околу 3 000 работници од градежната индустрија, како и над 5 000 работници индиректно од останатите индустрии. Тоа се вкупно околу 8 000 работни места вкупен ефект од четирите нови автопати на коридорите 8 и 10-д, објаснува Бесими.
„Населението ќе има финансиски придобивки од експропријацијата на земјиштето, за што се предвидуваат околу 210 милиони евра. Овие средства ќе им бидат исплатени на граѓаните чие земјиште ќе биде предмет на експропријација, а воедно ќе придонесат кон зголемување на потрошувачката моќ на овие граѓани“,
вели тој.
Изградбата на четирите нови автопати, како што пишува Бесими, носи дополнително економски придобивки кои не можат да се квантифицираат.
„Со изградбата на делниците ќе се подобри транспортот, што ќе резултира со намалување на трошоците за транспорт и оперативните трошоци за возилата. Безбедноста на транспортот, исто така, ќе биде подобрена. Сето ова ќе придонесе за полесно патување и отворање на нови бизниси во регионот, со што ќе се зголемат и регионалните можности за нови вработувања. Побрзото поврзување ќе има придобивка во делот на регионално планирање на просторот и ќе ја зголеми вредноста на земјиштето. Изградбата на автопатите ќе има и позитивно влијание врз развојот на туризмот, на регионот и на зголемена трговска размена“,
пишува Бесими во својата колумна.
