Реализацијата на буџетот, како што нагласи министерот за финансии, ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што ќе даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлог-буџетот за следната година е историски највисок, нереален, инфлаторен и надуен балон, кој, прашање на време е кога ќе пукне. Вака претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски го квалификуваше предлог-буџетот за 2023 година
Предложениот буџет за следната година е во согласност со златното правило во јавните финансии – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, кажа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими презентирајќи го предлог-буџетот за 2023 година пред пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што истакна во своето излагање, во буџетските средства за идната година се планирани вкупни приходи од 282,1 милијарди денари, што се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година и вкупни расходи на ниво од 324,8 милијарди денари што се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година, односно за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на ланскиот буџет.

Буџетскиот дефицит, пак, додаде Бесими, е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари.
„Предложениот буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии: капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит – ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата, пак, на буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што ќе даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот“,
подвлече министерот.
Тој додаде дека вкупните даночни приходи кои ги опфаќаат приходите по однос на данок на добивка, на личен доход, на додадена вредност, на акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи во буџетот за следната година се проектирани на 162,6 милијарди денари. Ова, како што посочи Бесими, е за 13,6 отсто над износот на приходи планиран со буџетот за 2022 година.
„Справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, обезбедување услови за економско заздравување и одржлив економски раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции, се четирите основни цели на предлог-буџетот за 2023 година“,
образложува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Овој буџет, истакна Бесими, е прв што се носи согласно новиот Закон за буџети поддржан од сите пратеници.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлог-буџетот за следната година е историски највисок, нереален, инфлаторен и надуен балон, кој, прашање на време е кога ќе пукне. Вака претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски го квалификуваше предлог-буџетот за 2023 година.
„Имаме историски највсока инфлација, највисок јавен долг, енормни цени на основните прехранбени производи, троцифрена цена на горивата, струја која поскапува секои шест месеци, најмали плати во регионот, најмал економски раст, сиромаштија, бесперспективност и очај. Ние сме држава чии домаќинства може да си дозволат само еден оброк дневно и сме на второто место според индексот на мизерија во Европа. Власта вели дека се откажала од непродуктивните трошења, но вистината е дека во земјава се случува економска катастрофа. За трошењето, Владата си одобрила расходи од 5,3 милијарди евра што го прави буџетот убедливо најрепресивен, најобемен и најрасипнички во историјата на државата“,
истакна Стојаноски.
Пратеникот рече и дека со предложениот буџет се намалени сресдтва за изградба на спортски сали, за изградба и реконструкција на студенстки домови, за ученички, како и за студентнски стандард што е, оцени, општа катастрофа. Се кратат, подвлече, и средства за инфраструктура во здравството.