Брнз порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрување на деловната клима и остварување на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст
Очекуваме зголемен број на директни инвестиции од САД во следниот период, кои ќе креираат работни места за високо едуциран кадар и извоз на добра со повисока додадена вредност. САД се еден од најзначајните стратешки партнери на Северна Македонија, а одличните политички релации меѓу двете земји треба да поттикнат и попродлабочена економска соработка во блиска иднина, порачал министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
„Клучно за поттикнување економски раст на среден и долг рок се реформите во областа на добро владеење, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на екомијата. Тоа треба да придонесе во забрзување на економскиот раст од 2,6 проценти во минатата деценија на 4 % до 5 % просечен годишен раст во наредниот период“,
истакна министерот Бесими.
Тој ја информираше амбасадорката, дека во моментов се работи на четвртиот пакет мерки како дел од економскиот план за справување со здравствено – економската криза .
Амбасадорката истакна дека сега како членка на НАТО и со отпочнати преговори со ЕУ, државата станува попривлечна земја за инвестиции, што создава перспективи за побрз економски раст.
Во таа насока, Брнз порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрување на деловната клима и остварување на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст.
Двете страни, како што се наведува во соопштението, се согласија дека клучно во ова време е справување со здравствено – економската криза, но истовремено и одржување на макроекономска и финансиска стабилност, која ќе придонесе за побрз и оддржлив раст на долг рок.
Преку Агенцијата за меѓународен развој (USAID), САД досега имаат инвестирано околу 640 милиони долари во нашата држава, пред сѐ, во политики кои се насочени кон економски раст и зајакнување на демократските практики и институции.
Двете држави имаат склучено и Договор за развојна соработка, чија цел е забрзан раст на приватниот сектор, поголема вклученост и информираност на граѓаните во процесите на донесување одлуки, поттикнување на доброто владеење и зајакнување на кохезијата во општеството, стои во соопштението од Министерството за финансии.