Сепак, како што изјави пратеникот Фатил Зендели од редовите на Беса, не се исклучува можноста како опозициска партија во иднина да поднесат интерпелација за министри од ДУИ или од власта воопшто
Во изјава за МИА, пратеникот Фатил Зендели од Беса изјави дека партијата засега нема да поднесе иницијатива за интерпелација на првиот вицепремиер во Владата Артан Груби, откако вчера во јавноста се појавија вакви информации. Сепак, Зендели посочи дека не е исклучена можноста за интерпелација на министри од ДУИ во иднина.
„Нема такво нешто во моментов, но не исклучувам во иднина како опозициска партија да поднесеме интерпелација за министри на ДУИ и власта генерално“,
изјави Зендели за МИА.
Коментирајќи ја состојбата во Собранието, Зендели посочи дека се сомнева оти власта има мнозинство во парламентот велејќи дека вината за тоа владејачките партии ѝ ја префрлаат на опозицијата.
„Немаат мнозинство. Мислам дека власта на некој начин им ја префрла вината на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и надругите опозициски партии. ДУИ нè меша и нас, но во суштина проблемот е во самото мнозинство кое во Собранието нема капацитет и нема бројки односно мнозинство да ги реализира своите политики“,
рече Зендели.
Во изјавата за МИА, Зендели одбил да го коментира она што се случува во ДУИ со „огнената група“ посочувајќи дека тоа е внатрешна работа на партијата. Пратениците кои се потписници на барањата на „огнената група“ која бара оставка од првиот вицепремиер Артан Груби и промени во партијата, според Зендели, никаде јавно не кажале дека ќе настапуваат самостојно или дека се против политиките на партијата.
Кастриот Реџепи, кој влезе во Собранието како дел од движењето Беса, но потоа беше исклучен и продолжи да дејствува како независен пратеник, пред неколку дена се сретнал со градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и пратеникот Иџет Меџити, двајцата од редовите на ДУИ и членови на „огнената група“, која бара оставка од првиот вицепремиер Артан Груби и промени во партијата.
Тие на Фејсбук објавија заедничка фотографија од средбата, со хаштаг „заедно“, без никакви подетални објаснувања и информации за причините за средбата и дали произлегол некаков договор од неа.
Вчера пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за ТВ 21 најави дека Реџепи ќе се приклучи на пратеничката група на Демократската унија за интеграција во Собранието.
„Една фотографија е еднаква на 1 000 збора. Пораката е јасна. Да, ќе дејствува со пратеничката група на ДУИ“,
рекол меѓудругото Меџити.
„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со Кастриот Реџепи, но тој ни рече дека ќе биде достапен за медиумите по четврток неделава.