БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција во општината Тетово, а партијата на Билал Касами беше и дел од несуденото ново парламентарно мнозинство кое партијата на Христијан Мицкоски го соопшти, но никогаш не се материјализираше
Реакцијата на БЕСА следува по критиките на Мицкоски дека имал сомнежи дали опозициските партии на Албанците во земјава биле „резервна варијанта“ или „базен на пратеници“ на власта, затоа што не биле против т.н. француски предлог
Вечерта, на 5 ноември, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави вест на својот Фејсбук профил која привремено и ги „пресече“ нозете на власта. „Имаме ново парламентарно мнозинство“, напиша првиот човек на најголемата опозициска партија, над фотографиите каде тој во Собранието седи со Арјанит Хоџа од БЕСА, Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, Африм Гаши од „Алтернатива“ и со Димитар Апасиев од „Левица“. Мнозинството, сепак, се распадна во следните денови и недели, а Африм Гаши скокна во владиниот брод.
ВМРО-ДПМНЕ остана во добри односи со БЕСА и со Алијансата за Албанците. Во Тетово, на пример, направија и функционираа како мнозинство заедно со овие партии. Тоа, несомено, не беше тешко бидејќи сите три субјекти имаат заеднички „непријатели“ – СДСМ и ДУИ. Но, кога дојдоа на ред „патриотските“ теми, очигледно, хемијата се изгуби.
Серијата настани во последниве недели доведе до денешната изјава на Христијан Мицкоски во која тој се пресмета со своите потенцијални коалициски партнери. И Алијанса и БЕСА беа „За“ т.н. француски предлог. Според Мицкоски, штом прифатиле предлог на власта, прашање е дали можат да се нарекуваат опозиција.

„Или пак се резервна варијанта или базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта. Ако тие ги поддржуваат ставовите на власта, тогаш не гледам како тие можат себеси да се идентификуваат како опозиција“,
рече тој.
Одговорот на прашањата кои си ги постави Мицкоски стигна бргу, барем од БЕСА. Генералниот секретар на партијата, Арјанит Хоџа, му возврати дека ВМРО-ДПМНЕ се тие што „кокетираат“ со власта.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоси, ја постави дилемата дали албанската опозиција е против оваа влада или не, што уште еднаш ја докажува како точна дилемата што ја поставив пред неколку недели дека ВМРО-ДПМНЕ маестрално кокетира со ДУИ, појавувајќи се во јавност како да се напаѓаат, а резултатите од оваа „пресметка“ на ВМРО-ДУИ се во служба на зголемување на партискиот рејтинг на овие субјекти“,
напиша Хоџа на својот Фејсбук профил.
Хоџа, во објавата, нагласува дека БЕСА ги покажала своите опозициски позиции и дека има низа критики кон актуелната влада, во сите сфери.
„Македонските партии, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, изгледа не успеаја да разберат една работа, а тоа е дека Движењето БЕСА не е политички субјект што може да се управува од нивните партиски штабови.
Затоа, пријателски предлог до господинот Мицкоски, видете го делувањето на Движењето БЕСА во сите овие години и ќе разберете дека во Движењето БЕСА политичките дејствија се автохтони, автономни и автентични!“,
напиша Хоџа.
За помалку од еден месец, ова е втора јавна кавга меѓу ВМРО-ДПМНЕ и неговите доскорешни (потенцијални) коалициски партнери. На почетокот на јули, се оладија и односите со „Алијанса за Албанците“.
Беше потребно долго време за Зијадин Села да почне да соработува со партијата која ги инспирираше настаните од 27 април, од каде токму Села едвај извлече жива глава. Еден инцидент беше доволен таа тешко изградена доверба да остане на стаклени нозе.
Кога на еден од протестите против францускиот предлог се случи инцидент кај плоштадот Скендер Бег во Скопје, три лица извадија оружје при судирот со демонстрантите кои се движеа од Влада кон МНР, а некои пукаа во воздух. Таа вечер, уште додека не беше сосема јасно што се случило, Мицкоски излезе на прес-конференција и кажа дека тој бил целта и објави фотографија од „убиецот“. Но токму тоа лице испадна дека е брат на директорот на скопска „Комунална хигиена“ и кадар на „Алијансата за Албанците“, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, веднаш го разреши директорот поради постапките на неговиот брат, а партијата на Зијадин Села се налути.
Толку брзо деградираа односите по тој настан што на средината на месецов, генералниот секретар на А/А Арбен Таравари, се дистанцираше од ВМРО-ДПМНЕ.

„Видете, секогаш опозициските партии имаат тенденција за рушење на актуелното мнозинство и нема ништо спорно во тоа, во спротивно, секогаш кога ќе им се даде можност секоја партија во опозиција има се обидува да создаде ново мнозинство со кое ќе го оспори актуелното мнозинство. Ние не сме имале некоја соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но сега комплетно се дистанциравме од политиките кои ги спроведува ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Таравари при гостување на ТВ 21 (15 јули 2022 год.)
Не треба да се биде експерт за да се забележи анти-владиното расположение во изминатите месеци. Не само поради францускиот предлог, туку и поради глобалните проблеми кои се одразуваат и во земјава – скапи енергенски, инфлација, скапа електрична енергија.
Последните препукувања во опозициските редови, сепак, не оставаат впечаток дека власта треба да се плаши од скорешно акумулирање на силите против неа. Впрочем, од претставниците на пет опозициски партии на сликата од 5 ноември 2021 година, на масата сега се останати само двајца.