На Собранието на партијата било утврдено дека партиските претставници во Собранието и во извршната власт без компромис ќе се посветат на триете најприоритетни точки од владината програма, како борба против криминалот, реализација и имплементација на условите за интеграција на земјата во Европската Унија и економски развој на државата
Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Ова се членовите на три ресори во идната влада од редовите на Движењето Беса, дел од коалицијата „Вреди“.
Од Беса вечерва соопштија дека Собранието на партијата едногласно ги избрало овие кандидати за членови на новата влада. Нивните имиња официјално треба да бидат изгласани и во парламентот.
Оттаму посочија и дека на состаноткот се разговарало за приоритетите и заложбите на партиските кадри во идната влада, при што едногласно, како што се вели во соопштението од Беса, било утврдено дека партиските претставници во Собранието и во извршната власт без компромис ќе се посветат на триете најприоритетни точки од владината програма, како борба против криминалот, реализација и имплементација на условите за интеграција на земјата во Европската Унија и економски развој на државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски најави дека официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.
Во однос на кадровските решенија на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да зборува во нивно име и дека очекува тие самите да ги соопштат.
Идната влада, според него, ќе биде составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Претседателот на Демократското движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити пред неколку дена најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, министер за здравство.
Според него, сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците на Таравари. Најави и дека деновиве ќе се одлучува за вицепремиерското место за евроинтеграции, кое треба да припадне на Алтернатива за Албанците. Беса, пак, како што рече Меџити, треба да одлучува за министерските места за економија и социјална политика.
Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада, со што се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада. Така, наместо досегашните 16, во владата ќе има 20 министерства.