Не можете во четврток да бидете претпоставена власт, во четврток навечер да сфатите дека не сте власт и во петок наутро да кажете ‘слушајте, ние погрешивме, сега сакаме да бидеме власт, а да сме опозиција’, коментира премиерот во врска со ситуацијата во парламентот, каде што новото мнозинство не се пресликува во речиси една третина од комисиите
Треба да се направи прераспределба на позиции во собраниските комисии согласно новиот распоред на сили во парламентот откако Беса замина во опозиција, а Алтернатива стана дел од мнозинството. Ова, според премиерот Димитар Ковачевски, би било решение за надминување на блокадата во работењето на дел од собраниските работни тела, посебно на Комисијата за избори и именувања, каде што модифицираното парламентарно мнозинство, практично, нема мнозинство, затоа што клучниот глас е кај Беса, согласно првичната распределба на местата (по изборите во 2020 година) меѓу партиите во законодавниот дом.
„Упатувам апел до Собранието и до политичките партии дека, согласно распределбата на местата во комисиите и владиното мнозинство кое е зголемено во рамките на оваа влада, со 64 пратеници, а со оглед на тоа што една партија која беше дел од владата до изборот на новата влада реши да отиде во опозиција, таа партија треба да се однесува и како опозиција во Собранието. Не можете во четврток да бидете претпоставена власт, во четврток навечер да сфатите дека не сте власт и во петок наутро да кажете ‘слушајте, ние погрешивме, не мислевме вака, сега сакаме да бидеме власт, а да сме опозиција’. Ова е порака до нив дека треба да се однесуваат согласно стандардите на парламентарната демократија и да ја организираат работата на Собранието согласно со процедурите и распределбата на местата не само во таа туку и во сите комисии“,
изјави денеска Ковачевски.
Во Собранието има 22 постојани работни тела, а координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митровски, вели дека новото мнозинство во парламентот не се пресликува во седум од комисиите. Тоа, според него, е причината поради која и Комисијата за избори и именувања не може да предложи кандидати за уставни судии.
Митровски изјави неодамна дека блокадите на опозицијата се одразуваат и на донесувањето суштински закони, за што како пример го посочи Законот за наставници и стручни соработници во основното и во средното образование. Комисијата за надворешни работи, за каде што рече дека има чиста злоупотреба на положбата на опозицијата која раководи со ова тело, каде што не се закажуваат седници за да се блокира пополнувањето на амбасадорските места.