Не смееме повеќе да губиме време во интеграцијата и зближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Според неа, не смее да има простор на Балканот што може да го пополни Русија или други актери.
„Во побрзото поврзување на земјите од регионот со ЕУ не се работи само за нашиот геополитички кредибилитет“,
истакна Бербок по средбата со нејзината словенечка колешка Тања Фајон.
Таа додаде дека освен Русија, за посилно влијание врз земјите од Западен Балкан се бори и Кина.
„Западен Балкан географски е во центарот на Европската унија. И луѓето од Западен Балкан конечно мораме да ги внесеме во нашиот политички центар“,
рече Бербок.
Според неа, ЕУ одамна требаше да ги исполни своите ветувања во однос на пристапните преговори со земјите од регионот, особено во однос на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Тоа е во наш стратешки интерес и исто така е прашање на нашата сигурност“,
додаде германската министерка.