По истражувањето за увозот на мазут, контролите се прошириле и на останатите горива
Во вторник Владата ќе го добие извештајот од контролите на квалитетот на горивото на бензинските станици во земјава. Онаму каде што ќе се утврдат неправилности ќе има и санкции од страна на Државниот пазарен инспекторат и препораки до Регулаторна комисија за енергетика за одземање лиценци или слично, најави денеска премиерот Зоран Заев.
„Веќе е соопштено во јавноста каде е надминат процентот на вода, на пепел, немаат доволно петдневни резерви како што е пропишано по Законот и по Правилникот и соодветно сите институции ќе си носат одлуки, но не треба да застанеме тука“,
изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека по истражувањето за увозот на мазут, контролите се прошириле и на останатите горива.
„Еве што значи денеска истражувачкото новинарство, на пример, или будното око на граѓаните преку вас новинарите и медиумите, да ги разбуди институциите и кога имаат одреден недостаток, со конечна цел да го заштитиме здравјето и интересот на нашите граѓани. Така што продолжија со контроли и по бензинските пумпи и тоа ќе се прави редовно затоа што мазутот се троши во државата, но нафтата се троши најмногу, па после и бензините. Треба да се проверат сите стандарди дали се почитуваат. Ние имаме европски правилници, европски стандарди, имплементирани регулативи од ЕУ, многу е важно сето тоа да се почитува оти од тоа зависи и здравјето на граѓаните, но зависи и интересот на целиот наш народ“,
рече Заев.
Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање на мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат. Ваква одлука донесе Владата на вчерашната седница, во врска со случајот дека во земјава се увезувало токсично масло како мазут.
Со уште еден заклучок се задолжени и Царинската управа и Бирото за метрологија, за потребите на Државниот пазарен инспекторат, по барање на Државниот пазарен инспекторат, да спроведат постапка за земање примероци за анализа и анализа на мазут, согласно Правилникот за квалитет на течни горива и да ги достават на испитување до акредитирана лабораторија.
