Новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 82,5 денари, а на еуросупер БС-98 ќе биде 85 денари. Дизел горивото и натаму ќе се продава за 74 денари

Од ноќеска на полноќ се намалува цената на бензините, додека на дизелот останува иста.
Цената на бензинот еуросупер БС-95 се намалува за 2,50 денари, додека цената на бензинот еуросупер БС-98 се намалува за два денари. Цените на еуродизел (Д-Е V), на екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на мазутот М-1 НС не се менуваат, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
Од ноќеска на полноќ, новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 82,5 денари, а на еуросупер БС-98 ќе изнесува 85 денари. Дизел горивото еуродизел БС (Д-Е V) ќе изнесува 74 денари, а маслото за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) ќе изнесува 72,5 денари. Цената на мазут М-1 НС ќе биде 41,409 денари.
Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,05 проценти во однос на одлуката од 18 април оваа година.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 4,118 отсто, кај дизелот за 2,823 отсто, кај екстра лесното масло за 2,702 отсто и кај мазутот има зголемување за 1,511 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,713 проценти“,
соопштуваат од Регулаторната комисија.