Поранешниот советник на Трамп е обвинет за проневера на пари собрани со кампањата за изградба на ѕидот кон Мексико
Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, кој вчера беше уапсен, се изјасни за невин и е ослободен со кауција, во која се вклучени обврзници од пет милиони долари, кои ќе се гарантираат со 1,75 милиони долари во готовина или недвижен имот.
На Бенон му е забрането да патува со приватни авиони, јахти или бродови без судско одобрение.
Првото рочиште се одржа преку видео-врска.
Бенон и три други лица вчера беа уапсени за наводна проневера на пари во кампањата за прибирање финансиски средства за изградба на ѕид на границата меѓу САД и Мексико.
Во соопштението од Министерството за правда се вели дека е покренато обвинение против Бенон и тројца други осомничени за нивната улога во измами на стотици илјади донатори во врска со кампањата „Ние го градиме ѕидот“, од 25 милиони американски долари.
Според обвинението, Бенон ветил дека донациите во целост ќе бидат искористени за проектот за изградба на ѕидот, но обвинетите заедно користеле стотици илјади долари на начин што не бил во согласност со она што организацијата им го претстави на донаторите.