За реакциите во јавноста по донесената одлука со која се зголемуваат платите на функционерите, Беловска рече дека од Уставниот суд едноставно се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите
Одлуките на Уставен суд се конечни и треба да се почитуваат, меѓутоа овие одлуки не забрануваат законодавецот, односно Собранието, да направи законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е да изврши оценка дали законите се во согласност со Уставот, изјави денеска портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска.
За реакциите во јавноста по донесената одлука со која се зголемуваат платите на функционерите, Беловска рече дека од Уставниот суд едноставно се барало оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
„Уставниот суд оцени дека постои неусогласеност со Уставот, односно дека се повредува владеењето на правото, затоа што во истиот закон постоеше двојство, контрадикторни одредби коишто доведуваа до нејасна и збунувачка примена. Членот 4 и членот 1, коишто сега се веќе укинати, предвидуваа фиксна основица од 26 755 денари, додека од друга страна, членот 11 предвидува дека пресметката на плата се прави според множење на коефициентот со просечната плата којашто била исплатена во текот на минатата година“,
изјави Беловска.
Во однос на тоа зошто не е укинат членот 11, туку членовите 4 и 1, Беловска рече дека тој член не бил оспорен, туку единствено оспорени биле двата члена кои се укинати, како и дека членот 11 е основен и ниту еднаш досега не бил менуван, за разлика од членот 4 и членот 1, кај кои во минатото е интервенирано 15 пати.
Со објавувањето на одлуката во „Службен весник“ на 23 март таа е конечна и оттогаш почнуваат пресметките по членот 11, кои, како што посочи Беловска, важат и за платите на уставните судии.
„Се разбира, тука се опфатени и уставните судии, затоа што тие се избрани во Собранието. Меѓутоа, Уставниот суд е единствен орган на државата којшто има надлежност да одлучува по вакви прашања и затоа и тука беше поставено тоа прашање и тука беше одлучено“,
изјави Беловска.
Во врска со времетраењето на постапката, Беловска рече дека е поднесена во ноември 2022 година и предметот е решен за четири месеци, што не е исклучок, со оглед дека просекот на времетраење на една постапка пред Уставен во 2022 година бил четири месеци.
„Очигледно во сите изминати години ова прашање не било поставено. Првпат се поднесува како иницијатива до Уставниот суд од страна на адвокат, којшто претходно има оспорувано и други закони“,
изјави Беловска.
Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти, реагираа од Владата минатата недела.