Си Ѓипинг ќе го пречекаат и српските борбени авиони МиГ-29, кои ќе го придружуваат неговиот авион од српската границата до Белград, а потоа на враќање ќе го испратат. Во негова чест на белградскиот аеродром ќе биде построена стража на Вооружените сили на Србија
Во чест на кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кој денеска доаѓа во дводневна посета на Република Србија, по улиците на главниот град Белград се веат кинески и српски знамиња, пренесува Радио-телевизија Србија (РТС).
Низ градот се поставени и билборди на кои на српски и кинески јазик се испишани пораки за добредојде на кинеските пријатели.

Големо знаме на Кина ја покрива и западната порта на Белград – кулата „Генекс“ на која е поставена и писмена порака за добредојде за кинескиот лидер.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг во Србија ќе биде придружуван со делегација од 400 луѓе, а ќе го обезбедуваат 3 400 полицајци.
Си Ѓипинг ќе го пречекаат и српските борбени авиони МиГ-29, кои ќе го придружуваат неговиот авион од српската границата до Белград, а потоа на враќање ќе го испратат. Во негова чест на белградскиот аеродром ќе биде построена стража на Вооружените сили на Србија.

На аеродромот Си Ѓинпинг ќе го пречека стражар, а за време на церемонијата ќе биде изведено српско оро. Свечен пречек ќе биде организиран и пред палатата „Србија“. Во текот на средбата ќе бидат потпишани 30 договори меѓу двете земји.
Според протоколот на посетата на кинескиот претседател, кој го пренесуваат српските медиуми, за време на ручекот меѓу кинескиот претседател Си Ѓинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се служат српски јадења и вина.
За претседателот на Кина има договорена музичка програма, според која, на кинески јазик ќе се отпеат песните „Татковино моја и јас“ и „Прекрасен цвет од јасмин“.
Предвидено е програмата да заврши со песната „Ова е Србија“.
За време на посетата кинескиот претседател ќе биде придружуван од сопругата Пенг Лијуан, како и од член на Главниот комитет на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, директорот на Генералната канцеларија на Централниот комитет и од член на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија и министерот за надворешни работи.
Ова е прва посета на претседателот Си на европскиот континент во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата на ковид-19.
За време на оваа европска турнеја ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.