Од вчера, поради огромниот пораст на бројот на заразени и хоспитализирани лица во новиот налет на коронавирусот, во Белгија на сила е највисок степен на тревога во земјата
Белгиската министерка за надворешни работи Софи Вилмес денеска соопшти дека е позитивна на коронавирусот.
„Мојот тест за ковид-19 е позитивен. Најверојатно сум се заразила во кругот на семејството, имајќи ги предвид превентивните мерки што ги преземав надвор од дома“,
напиша Вилмес на Твитер.
Вилмес во петокот рече дека оди во самоизолација затоа што има симптоми на ковид.
На 12 октомври, таа присуствуваше на состанок со другите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург.
Од вчера, поради огромниот пораст на бројот на заразени и хоспитализирани лица во новиот налет на коронавирусот, во Белгија на сила е највисок степен на тревога во земјата.
Таканаречената „фаза 4“ подразбира воведување на полициски час во цела држава, се затвораат ноќни клубови и ресторани, дозволен е близок контакт само со едно лице надвор од семејството, а работење од далечина е задолжително таму каде што е можно.
Прехранбените продавници ќе останат отворени, но се откажани сите традиционални божиќни прослави и манифестации на улиците.