По повеќе дена преговори, Белгија ја објави својата листа на дозволени дестинации за своите граѓани, на која не се наоѓа нашата земја, јави МИА од Брисел.
Со ова Белгија ја следи и препораката на Советот на ЕУ кој на 30 јуни објави препорака до сите 27 земји членки за отворање на границите. Но, Белгија дури денеска го соопшти конечниот договор.
„Бројот на случаи со ковид-19 во Северна Македонија силно и постојано расте. Епидемиолошката состојба јасно се влоши од почетокот на јуни месец“,
соопшти белгиското МНР.
Поради ова, белгиските власти оценуваат дека за нивните граѓани патувањата надвор од ЕУ, вклучително и Северна Македонија остануваат забранети.
Што се однесува до Србија и Црна Гора, кои се на тнр. бела листа на Советот на ЕУ, Белгија сепак одлучи дека само патувањата од „суштинско значење“ се дозволени во овие земји.