Падот на Авдиивка следеше по сериозниот недостиг на муниција со кој се соочи украинската армија, а во битката за градот неофицијално се шпеклуира дека загинале илјадници војници од двете страни
Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски ја реафирмирал поддршката на САД за Украина во борбата против Русија. По разговорот од Белата куќа соопштија дека повлекувањето на украинските трупи од Авдиивка е резултат на неактивноста на американскиот Конгрес зашто не изгласа навремена воена поддршка за официјален Киев.
„Украинската војска беше принудена да се повлече од Авдиивка поради недостиг на муниција, што беше резултат на неактивноста на Конгресот и што резултираше со првите значајни придобивки на Русија по неколку месеци“,
соопшти Белата куќа.
Бајден воедно ја истакнал и потребата американскиот Конгрес итно да усвои закон за испраќање дополнителна помош за украинските сили.
Украинските власти вчера објавија дека нејзините трупи се повлекле од Авдиивка – клучен град на истокот на земјата кој е опколен од руските сили со месеци. Падот на Авдиивка ја означува најголемата промена на линијата на фронтот долга повеќе од 1 000 километри откако руските трупи го зазедоа градот Бахмут во мај 2023 година.
„Врз основа на оперативната ситуација околу Авдиивка, со цел да се избегне опсада и да се зачуваат животите и здравјето на војниците, решив да ги повлечам нашите единици од градот и да преминам во одбраната по поповолни линии“,
објави новиот началник на украинската армија Олександр Сирски.
Сирски, кој неодамна го презеде раководството на армијата, рече дека украинските сили се вратиле на побезбедни позиции надвор од градот, кој имаше 32 000 жители пред војната. Објавата дека украинските трупи се повлекуваат од источниот град дојде во момент кога земјата се соочува со недостиг на муниција поради неуспехот на Конгресот на САД да донесе резолуција за дополнителна воена помош.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, зборувајќи на безбедносната конференција во Минхен, ги повика западните земји да ѝ помогнат на Украина да го победи монструмот – како што тој го нарече рускиот претседател Владимир Путин.
„Рускиот лидер ќе ги направи следните неколку години ‘катастрофални’ за уште многу земји како Украина, доколку западниот свет не му се спротивстави. Не прашувајте ја Украина кога ќе заврши војната. Запрашајте се зошто Путин сè уште може да ја продолжи?“,
изјави Зеленски на конференција во Минхен.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно неколкупати изјавуваше дека Авдиивка е изложена на ризик да падне во рацете на руските сили поради недостиг на муниција по неколкумесечното противење на републиканците во американскиот Конгрес на новиот американски воен пакет помош за Киев.