Бектеши денеска во Брисел се обрати на првиот билатерален состанок во рамки на кластерот „Внатрешен пазар“, со поглавјето „Право на основање и слобода на давање услуги“, кој, воедно, е првиот билатерален состанок за поглавје за кое е надлежно Министерството за економија
Слободното движење на услуги преку елиминација на бариерите за вршење на услужните активности ќе придонесе за развој на економските активности, повисоко ниво на вработување, висок степен на конкурентност и подобрување на квалитетот на услугите, а со тоа и на квалитетот на животната средина.
Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска во Брисел се обрати на првиот билатерален состанок во рамки на кластерот „Внатрешен пазар“, со поглавјето „Право на основање и слобода на давање услуги“, кој, воедно, е првиот билатерален состанок за поглавје за кое е надлежно Министерството за економија.
Бектеши во обраќањето нагласи дека заклучоците и препораките што ќе произлезат од овој билатерален состанок ќе ги постават следните чекори во процесот на пристапување во оваа област
„Ние сме свесни за важноста да се обезбеди правото на основање и слободата на давање услуги преку процесот на усогласување на законодавството во оваа област. Министерството за економија како надлежно министерство, во соработка со останатите институции, континуирано спроведува активности за усогласување со законодавството на ЕУ и зајакнување на административните капацитети во областа на услугите. Активностите се спроведуваат во согласност со заклучоците и препораките од поткомитетите и од извештаите за напредок на нашата земја”,
кажа министерот Бектеши.
Основни закони во оваа област, посочи Бектеши, се Законот за услуги, Законот за меѓусебно признавање професионални квалификации и Законот за поштенски услуги.
„Во Законот за услуги целосно е транспонирана Директивата за услуги. Со цел имплементација на законот, Владата во 2020 година усвои Акциски план за усогласување на секторското законодавство со Директивата. Министерството за економија е координатор на процесот и ја следи имплементацијата на Акцискиот план. Во рамки на ИПА-проектот ‘Зајакнување на внатрешниот пазар’, компонента 2 за слободно движење на услуги, во периодот 2021-2022 година се спроведе нова детална анализа за оцена на усогласеност на законодавството со Директивата за услуги. Врз основа на наодите од анализата, во тек е подготовка на нов Акциски план со мерки за усогласување. Свесни сме дека усогласувањето со Директивата за услуги е континуиран процес и се однесува не само на постојните прописи туку и на нови прописи или измени на постојните прописи. Ова се има предвид при планирање на идните активности во оваа област”,
додаде Бектеши.
Согласно хоризонталниот карактер на законодавството за Поглавје 3, на скринингот беа присутни претставниците за ова поглавје од повеќе институции: Министерство за економија, Централен регистар, Министерство за транспорт и врски, Агенција за пошти, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Министерство за правда, Министерство за информатичко општество и администрација, Агенција за храна и ветеринарство, Агенција за катастар на недвижности и други.