Со министрите за енергетика во склоп на ЕУ-членките разговаравме и за Западен Балкан да биде вклучен во нивните предлог мерки кои најверојатно би требало да бидат усвоени во наредниот период. Ние како Северна Македонија го кажавме нашиот став во тоа што очекуваме како поддршка од страна на ЕУ со конкретни мерки, вели министерот

Западен Балкан треба да биде вклучен во предлог мерките на ЕУ за справување со енергетската криза. Северна Македонија е дел од ЕУ и само заедно можеме да ја надминеме оваа криза, рече министерот за економија Крешник Бектеши на неформалниот состанок на министрите за енергетика на Европската унија.
„Со министрите за енергетика во склоп на ЕУ членките разговаравме за и Западен Балкан да биде вклучен во нивните предлог мерки кои најверојатно би требало да бидат усвоени во наредниот период. Ние како Северна Македонија го кажавме нашиот став во тоа што очекуваме како поддршка од страна на ЕУ со конкретни мерки, а кои ќе бидат таргетирани само за земјите од Западен Балкан бидејќи како што наведовме и на состанокот ние се чувствуваме како дел на Европскиот континент и само заеднички ќе можеме да се справуваме што подобро со енергетската криза”,
рече Бектеши.
Мерките кои што ги предлага Европската комисија, а кои треба да се донесат следниот месец е земјите членки да изберат соодветни мерки според кои ќе имаат намалување на вкупната потрошувачка на електрична енергија за 10 отсто до крајот на март 2023 година, односно задолжително намалување на потрошувачката за најмалку 5 отсто во часовите на шпиц во периодот помеѓу 1 декември 2022 година и 31 март 2023 година.
Мерка за справување со енергетската криза која беше предложена е и ограничување на приходите за производителите на електрична енергија и распределба на вишокот приходи. Оваа мерка би се применувала за производители на електрична енергија од обновливи извори, нуклеарни, лигнит, тресет и централи на мазут. Пазарните приходи се ограничени на 180 EUR/MWh, а собраните вишок приходи би се користеле за ублажување на влијанието на високите цени врз крајните потрошувачи.
Како една од мерките која ја предлага Европската комисија е и солидарен придонес од бизнисите со фосилни горива кој би се применувал за компании кои се занимаваат со производство или трговија со природен гас, сурова нафта и нафтени производи, вклучувајќи рафинерии и јаглен.
Собраните средства би се користеле за поддршка на семејствата и бизнисите за да се ублажи ефектот од високите цени на енергијата.
Пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ, одржан е состанок на земјите членки на Енергетската заедница со Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лоркривски на кој се дискутирало за очекувањата за снабдување со енергенси како и мерките што ги преземаат членките за справување со енергетската криза.