Доколку маркетите стават забелешка дека намалувањето на производот е поради тоа што му истекува рокот за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција, тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака, ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот
Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со 5 отсто ДДВ, ќе се намалат за минимум 10 отсто од наредната среда, информира министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска во Министертсвото за економија се сретна со претставници на осум синџири на маркети. На средбата присуствуваа и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, и претставници на Стопанската комора.
„Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети, што значи дека ќе биде усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети“,
изјави Бектеши по средбата и додаде дека очекува примерот да го следат и увозниците и производителите на прехранбени производи.
Со тоа, како што кажа, за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со 5 отсто ДДВ..
„Моментално Министерството за економија работи на дополнителни мерки за дистрибутерите и за производителите на прехранбени производи кои утре најверојатно ќе бидат свикани на состанок во Министерството. Со тоа потрошувачите нема да се чувствуваат измамени и нема дополнително да им се зголемат трошоците“,
рече Бектеши.
Тој најави дека Министерството во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со што ќе се зголемат ингеренциите на инспекторите за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. Од среда, посочи министерот за економија, ДПИ со зголемен капацитет ќе биде на терен.
„До крајот на наредната недела ќе го имаме и новото законско решение за нефер трговски практики со кое ќе се укинат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија, почнувајќи од производство, па сè до малопродажба, што дополнително ќе влијае на намалување на цените. Со законското решение ќе се утврди начинот како треба да се направи договорот меѓу синџирот на супермаркети и нивните добавувачи или, пак, синџирот на супермаркети и производителите од државата“,
потенцира Бектеши.
Министерството за економија ќе ги следи движењата на цените и во другите сектори, додаде Бектеши и истакна дека фазно ќе оди со намалување на цените и во другите сектори ако има нарушување во делот на утврдување на цените.
На маркетите ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот. Во спротивно, доколку спроведуваат акциски продажби до 30 ноември, ќе се соочат со санкции.
„Доколку стават забелешка дека намалувањето на производот е заради тоа што му истекува рокот за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција, тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака, ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот“,
прецизира Бектеши.