Во гостување на ТВ21, Хоџа исто така рече дека е подготвен да се откаже од министерското место во земјоделство, за Беса да го добие Тетово, каде што кандидат е Касами
Министерот за економија, од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство од Беса, Аријанит Хоџа изјавија вечерва дека немаат ништо против во власта да влезе Алтернатива, која има четири пратеници и сега е во коалиција со опозициската Алијанса за Албанците.
Во гостување на ТВ 21, Бектеши упати обвинувања до Алијанса за Албанците дека ги повикува гласачите да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да дадат поддршка на ДУИ.
Тој вели дека нема ништо против доколку Алтернатива се приклучи на постоечкото владино мнозинство.
Хоџа истакна дека Алтернатива има мал број гласови во Тетово, но доколку сакаат можат да ја гласаат кандидатката на ДУИ за градоначалничка, Теута Арифи, и преку таа „врата“ да влезат во Владата. Беса, како што рече, исто така, нема ништо против тоа.
Хоџа, исто така, рече дека е подготвен да се откаже од министерското место во земјоделство, за Беса да го добие Тетово, каде што кандидат, кој влезе во вториот круг, е партискиот претседател Билал Касами.
Хоџа вели дека не му се лутат на премиерот Зоран Заев за изјавата дека СДСМ нема да поддржи ниту еден кандидат во Тетово, туку граѓаните ќе гласаат по свое убедување.
Иако се препираа околу Тетово, каде што двете владејачки партии имаат свои кандидати во вториот изборен круг, Хоџа и Бектеши се усогласени и околу тоа дека еприродно да го поддржат кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов за Скопје, затоа што се коалициони партнери, но и, како што посочија, затоа што тој заслужува втор мандат.