Не се предвидува да има нови рестрикции за угостителскиот сектор, одговори министерот за економија Крешник Бектеши на новинарско прашање дали ќе има дополнителни ограничувања, особено за време на претстојните празници.
„Моментално нема такви дискусии ниту во Владата, а според моите информации нема ниту во Комисијата за заразни болести“,
вели Бектеши.
На прашање дали угостителите барале зголемување на работното време за новогодишните празници, Бектеши рече дека Владата добива разни барања од различни сектори, но дека олеснување на мерките ќе има кога ќе стивне бројот на новозаболени лица од ковид-19.
„Во моментот кога зборуваме остануваат мерките кои веќе се усвоени од Владата. Секако дека ако се намалува бројот на заразени ќе се донесат мерки за олеснување, а ние не очекуваме да има дополнителни рестриктивни мерки“,
вели Бектеши.
Коментирајќи го падот на БДП од 3,3 отсто во третиот квартал годинава, Бектеши вели дека тоа е согласно очекувањата на Владата и проекциите на Министерството за финансии.
„Имајќи го во предвид трендот што се движи во нагорна линија, очекувам дека ќе ги надминеме проекциите кои ги имавме за 2020 година и нема да имаме поголем пад на БДП од 4,5 отсто на годишно ниво. Падот би требало да се движи од 4,2 до 4,5 отсто“,
рече Бектеши.
Според Бектеши, економските мерки на Владата даваат резултати.
„Извештаите за туризмот, индустриското производство и извозот и увозот за октомври годинава покажуваат дека бројките одат само во нагорна линија. Очекуваме со завршувањето на пандемијата да имаме уште поголемо зголемување на БДП во 2021 година“,
потенцира Бектеши.