Се очекува на наредната владина седница Владата еднострано да го раскине договорот со концесионерот
Инспекторатот за животна средина констатирал дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина
Министерството за економија ќе достави предлог-одлука до Владата за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на песок и чакал во селото Долно Коњари, Општина Петровец. Ваквиот потег, како што соопштуваат од ресорното министерство, се должи на инспекциската постапка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) од каде што и произлегло барањето на раскинување на концесијата.
Од ДИЖС утврдиле дека експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас, со што концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина.
„Со оглед на вака утврдената фактичка состојба, Министерството за економија констатира дека се исполнети условите за започнување на постапка за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини од страна на концедентот согласно член 51 став (1) алинеја 14 од Законот за минерални суровини, каде што е определено дека Договорот за концесија за експлоатација еднострано ќе се раскине доколку концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно во конкретниот случај експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња“,
велат од Министерството за економија.
Министерот за економија Крешник Бектеши за ТВ 21 изјави дека веќе го потпишал предлогот и очекува тој да помине на наредната владина седница.
Инаку Владата веќе привремено го стопираше ископот на песок и чакал (на границата меѓу Средно и Долно Коњари) сè додека Државниот инспекторат не се произнесе околу регуларноста на концесијата. Проверката од страна на ДИЖС, како и привремената владина одлука се резултат на жестоките, континуирани притисоци на локалните жители, кои со години алармираат за неконтролирано вадење на песок и чакал и алармираа за еколошка катастрофа од ископот.