Од Министерството за економија велат дека сите граѓани мора да си ги подмируваат сметките за електрична енергија и да платат онолку колку што потрошиле
„Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија“, се вели во соопштението од Министерството за економија
Откако жителите на Слупчане од вчера повторно го блокираат пристапниот пат кон селото и излегоа на протести, не дозволувајќи им на екипите на ЕВН да влезат, министерот за економија Крешник Бектеши денеска преку писмено соопштение ги повика надлежните институции да интервенираат за да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и да им се овозможи на тимовите на ЕВН да работат.

Од Министерството за економија велат дека сите граѓани мора да си ги подмируваат сметките за електрична енергија и да платат онолку колку што потрошиле.
„Министерството за економија ги повикува сите граѓани во државата редовно да си ги подмируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании. Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил. Министерството за економија, согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика, креира клима со цел да се намалат загубите во пренос на електрична енергија како и неовластено користење на електрична енергија. Затоа повикуваме дека секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ‘ЕВН Македонија’“,
се вели во соопштението од Министерството за економија.
Жителите на Слупчане се противат на обидот на ЕВН да ги извади броилата од домовите и да ги постави надвор пред куќите, за да може да има контрола врз нив и да спречи злоупотреба на мрежата и крадење струја.
Ова е вторпат жителите на Слупчане да не им дозволуваат на екипи на ЕВН да влезат во селото по неколкудневната блокада што се случи пред неколку недели, кога несовесни мештани го искинаа главниот кабел и предизвикаа сериозен дефект кој ги остави без струја не само Слупчане туку и трите соседни села.
Безбедност на екипите на ЕВН и влез во селото тогаш им гарантираа министерот за економија Бектеши и градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, кои се договорија со жителите на Слупчане да не го попречуваат отстранувањето на дефектот на електричната мрежа. Освен тоа, беше догорено да се започне со поставување нови броила кои ќе овозможат точно мерење на потрошената струја.
Откако беше решен проблемот и требаше да се влезе во следната фаза, жителите преку месната заедница минатата недела доставиле официјално известување до ЕВН во кое ги информираат дека не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите. Исто така, бараат да им се простат старите долгови и наместо редовна сметка, врз основа на податоците од струјомерите, да плаќаат месечен паушал од 3 000 денари, без оглед колку струја потрошиле.