Бектеши направи математика и даде објаснување за формирањето на цената на бел печен леб од 450 грама
Владата донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама и таа ќе биде 33 денари.
Одлуката денеска ја соопштија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, а денеска или утре ќе биде објавена во „Службен весник“ и ќе биде со важност до 31 мај годинава.
Бектеши рече дека за да стигнат до оваа одлука направиле анализи во соработка со Државен пазарен инспекторат и со одредени пекарници, членки на групацијата пекарници во нашата држава.
Бектеши направи математика и даде објаснување за формирањето на цената на бел печен леб од 450 грама.
„Според информациите од пекарите, за брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производна цена е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денари“,
објасни Бектеши.
Според него, цените на лебот биле и по 28 денари во одделни градови.
„Цените на белиот и на полубелиот леб се движат од 28 денари до над 40, па и до 45 денари, во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден леб, зборуваме само за два вида леб од големата понуда, значи ние мислиме дека не е во ред. Секако дека тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и на потрошувачите“,
рече Бектеши.
Тој направи и споредба на цените на горивата од ноември лани до февруари годинава.
„Ако во октомври и ноември цената на горивата, како инпут во делот на производството, дизелот беше просечно во ноември 93 денари во јануари и до денес е 77,88 денари. Природниот гас, кој големи производители го користат како енергенс за производство на леб, во октомври беше 134,90 евра за мегават-час, а во февруари е 51,01 евра за мегават-час. И сега секој може да ги направи процените за тоа колку процентуално се намалени цените во делот на енергентите. Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечната цена според ‘Хупекс’ (референтна берза) за октомври е 193,94 евра. За ноември е 222,4 евра, за декември е 261,15 евро, а сите добија повластена цена од 80 евра. Во јануари е 148,69 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. И февруари е 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. Цените се без трошок за пренос и дистрибуција, што значи дека се минимум 20 отсто повисоки од графиконот. А сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час“,
изјави Бектеши.
Министерот ги истакна и цените на брашното во големопродажба.
„Брашното во големопродажба во октомври и ноември се продаваше по цена од 35 денари, а во јануари и февруари годинава таа цена е 28 денари за килограм“,
додаде тој.
Бектеши ја повика групацијата на мелничко-пекарската индустрија да седне и да разговараат со цел да се најде соодветно решение.
„Да направиме одржливи одлуки каде што ќе има ‘вин-вин’, посебно за граѓаните, а не само еднострана да има придобивка, и заеднички да се обидеме да ја намалиме тежината особено за најранливите категории на граѓани“,
рече Бектеши.
Тој додаде и дека со претставниците од групацијата на мелничко-пекарската индустрија изминатите месеци имале неколку средби.
„Не е фер и не е транспарентно да се кажуваат невистинити податоци затоа што проверено е од сите надлежни институции и претседателот на групацијата, еден од двајцата кој излезе на прес конференција, како сопственик на една од најголемите компании која произведува леб има цена под 33 денари на бел и полубел леб. Тоа е утврдено согласно сите проверки од Државен пазарен инспекторат. Затоа да не креираме хистерија кај граѓаните“,
порача министерот Бектеши.