Инаку, шефот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, според неофицијалните пишувања на медиумите кои се повикуваат на полициски извори, наводно бил вработениот во М-НАВ и ги внел членовите на групата која вчера упадна во просториите на Контролата за летање и нападна вработени во институцијата
Актуелниот претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир и вработен во Македонска навигација (М-НАВ), Беким Незири, е во полициска станица и со него се врши службен разговор, информира Министерството за внатрешни работи.
Иако во информацијата лицето е наведено само со иницијали, сепак, повеќе од извесно е дека станува збор за Незири.
„Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М-НАВ, во полициска станица по налог на ОЈО се врши службен разговор со со Б.Н.“
се вели во информацијата од Министерството.
Инаку Незири, според неофицијалните пишувања на медиумите кои се повикуваат на полициски извори, наводно бил вработениот во М-НАВ и ги внел членовите на групата која вчера упадна во просториите на Контролата за летање и нападна тројца вработени во институцијата.
Министерството за внатрешни работи синоќа информира дека во полициска станица се четири лица поврзани со нападот и со кои се врши службен разговор и дека се трага по уште четири лица.
Засега од МВР не прецизираат дали Беким Незири бил меѓу лицата кои уште синоќа завршија во полициска станица или бил дел од четворицата по кои се трагаше.
Според ТВ Телма, тој наводно утрово бил приведен во полициска станица.
МВР вчера во првичното соопштение за инцидентот информира дека според пријавата, која стигнала во полициското одделение во Петровец од вработен во М-НАВ, тројца вработени биле нападнати од свој колега и од уште неколку други непознати лица.
„Денеска (4.1.2024) во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираа вчера од МВР.
Од Обвинителството денеска информираа дека во тек се дејствија за расчистување на настанот.
„Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Упадот во Македонска навигација се случи вчера попладне непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Како што рече Тасевски, по упадот, возилата со кои лицата дошле во кругот на зградата на М-НАВ воопшто не биле спречени од двојното обезбедување да му пристапат на објектот. Тие го поминале и обезбедувањето кое го врши надворешна фирма, но и обезбедувањето на М-НАВ.
Како што објави СДК.мк, лицата што упаднале во објектот на Македонската навигација се членови на ДУИ. Групата наводно била лута оти поддршка на првиот синдикалец Тасевски на прес-конференција му дале и контролорите етнички Албанци.
Струковиот синдикат на контролори на летање доцна синоќа одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски утрово, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.
Инаку, од Владата претходно синоќа најавија дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.
„Воедно, претседателот на Владата ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ“,
се наведува во владиното соопштение испратено вчера доцна вечерта.
Во врска со инцидентот засега нема никаква реакција и коментар од владејачката ДУИ, чии членови наводно се лицата кои упаднаа во М-НАВ.
Беким Незири, инаку поранешен министер од редовите на ДУИ, во јули годинава беше избран за претседател на партискиот огранок во Чаир – место што дотогаш му припаѓаше на Изет Меџити кој во тој период заедно со други партиски членови во рамки на т.н. „огнена група“ се отцепи од ДУИ.