Амбасадорот на САД, Џес Бејли во последното интервју пред неговото заминување од земјава за емисијата „360 Степени“ на Алсат, зборуваше за настаните од 27 април, за случаите на СЈО и за владеењето на правото.
Дали сепак по потреба не применувате двојни стандарди во однос на прашањето за владеење на правото?
Не применувам двојни стандарди за владеење на правото. Во овој случај парламентот гласаше за закон што потоа судовите го применија. Точно?! Суверениот парламент на Северна Македонија гласаше за закон со кој се амнестираа одредени лица-обвинети во предмет и тие мораа да побараат да бидат амнестирани. Тој закон се спроведе. И прашањето на одговорност за 27 април продолжува.
Знаете дека и претседателот Ѓорге Иванов имаше законско право да ги помилува личностите што ги помилува, па вашата реакција тогаш беше многу критична?
Беше, навистина беше доста критична, но мислам дека има сериозна разлика. Првата е дека тие помилувања ги запираа сите правни дејства во тие случаи. Што значи дека не ќе беа можни правни процеси, судовите не ќе можеа да ги разгледуваат тие предмети. Законот за амнестија усвоен во декември не ги запре пошироките правни дејства против други категории на обвинети, оние кои беа вклучени во насилства или во организација на настаните од 27 април. Тие дејства продолжуваат и ќе видиме како за нив ќе се решава. Мислам дека има огромна разлика меѓу овие две прашања. Можам да разберам дека луѓето се вознемирени, тоа го разбирам, но истовремено треба да ја гледате пошироката слика. Навистина, тоа беше дел од пакет за помирување кој помогна за гласовите за уставните измени и за членството на Македонија во НАТО да биде блиска реалност.
Напишете коментар