Поминаа точно два месеца од моментот кога овој портрет на Никола Груевски со натпис „ВИП мигрант на Орбан“ го „украси“ унгарскиот парламент.
Транспарентот беше истакнат откако осум дена претходно македонскиот експремиер избега во Будимпешта.
Во следните недели, Груевски прво беше фотографиран како се шета а потоа и снимен како седи во ресторан со други две лица.
Околу Нова Година е објавана фотографија како работи на телефонот во хотелско лоби, а денеска – како се шета во трговски центар.
Овие записи потврдуваат каде е Груевски. Познато е и како од Албанија стигна до главниот град на Унгарија. Но, останува неодговорено – како избега од дома и чија е вината што е недостапен за правдата?
Никола Груевски стигна во Будимпешта, Унгарија на 12 ноември 2018 година, доаѓајќи од Србија, преку граничниот премин Хоргош. На српска територија дошол од Црна Гора, нешто пред полноќ на 11 ноември, преку граничниот премин Добраково (22 h 16 m). Во Црна Гора пак влегол од Албанија, преку граничниот премин Хани и Хоти (19 h 19 m), откако претходно изразил намера да поднесе барање за азил во унгарската амбасада во Тирана.
Оваа реконструкција на дел од бегството на Никола Груевски е веќе позната за јавноста. Направена е според официјалните информации на институциите во Тирана, Подгорица, Белград и Будимпешта. Вреди да се потсети на неа, бидејќи по повеќе од два месеца, нема одговор од македонските институции – како Груевски воопшто излезе незабележано од својот дом и на кој начин ја напушти Македонија.
Институцијата кон која сите го вперуваат прстот за одговори е Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое ја води предистражната постапка. Тие беа и првата адреса за нашите прашања.
Дали е утврдено како Груевски незабележан го напуштил домот? Како ја напуштил Македонија? Дали има основи за сомнение против лица вработени во МВР или други служби и дали се побарани некакви мерки против некого? На овие прашања одговорот на обвинителството е дека се што можело јавно да се каже веќе го кажале, а се останато засега е тајна.
Со оглед на тоа дека се работи за комплексен и сензитивен случај од исклучителен интерес за јавноста, обвинителството во интерес на предистражната постапка и спречување на шпекулации во моментов не може да сподели детали.
Фактички е точно тврдењето на обвинителството дека државниот јавен обвинител и шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал во повеќе наврати јавно зборуваа за предистрагата за случајот. Така беше и денеска, кога обвинителката Вилма Рускоска кажа дека веќе е сослушано обезбедувањето на Груевски и дека нема да се сослушува неговото семејството.
– Во текот на оваа недела ќе бидат сослушани доста сведоци во таа насока а се надевам исто така дека во текот на оваа недела ќе бидат преземени доказите кои беа барани од Република Албанија.
Но, на прашањето, не што ќе биде туку што е утврдено, одговорот е:
– Кога ќе имаме нешто поконкретно да кажеме тогаш ќе дадеме соопштение.
Токму најавата за соопштение или јавен настап на кој ќе бидат сублимирани сите досегашни активности и сознанија е она што недостига. Од кои причини се одложува такво нешто, не е познато, но факт е дека неколкупати е најавено.
На пример, во првата половина на декември…
– Очекуваме некаде во наредните две недели да излеземе со соопштение, до тогаш што имаме резултати од предистражната постапка- изјави Вилма Рускоска на 12.10.2018, јавен обвинител во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција
И барем уште еднаш пред Нова Година.
– Ви кажувам, не би коментирала. Ќе излеземе со првичните информации.
– Кога планирате да излезете со првичните информации?
– Па не знам. Ќе се договориме. Ќе бидете навремено известени.
– Но се уште сте далеку од наредба за истрага?
– Да.
– Но ќе излезете со информации наскоро за оваа фаза на постапката?
– Со информации за тоа што имаме до сега собрано и со кои информации до сега располагаме.
Освен снимки од странство, за кои Јавното обвинителство декларира употребна вредност, записи од камери има и од дома, од МВР. Но, два дена по Нова година, во интервју за МИА, јавниот обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески кажа дека на нив не се гледа како и од каде Груевски ја напуштил Македонија. Па 360 Степени праша и во полицијата, дали во меѓувреме е утврдено како Груевски ја напуштил Македонија, дали се откриени потенцијални помагачи, но и дали во МВР има постапки против вработени и што работат луѓето кои го обезбедуваа пред бегството.
За деталите од бегството, усно бевме препратени кај обвинителството како надлежен орган. За тоа дали има дисциплински постапки или што работат полицајците кои го обезбедуваа Груевски, не добивме одговор.
Единствените за кои јавно е познато дека претрпеа некакви санкции поради бегството на Никола Груевски се неговите гости, вработени во Царинската управа, кои го посетија во Будимпешта. Македонската јавност ги дозна бидејќи беа фатени на фотографии и видео снимки заедно со бегалецот.
– Едниот е прераспределен во магационер, како што рековте. Од архива, преместен е во магацин. А другиот, исто така, преместен е заради одредени специфичности на работното место каде што беше претходно, мораше согласно предистражните дејствија да биде преместен на друго место во склоп на Царината… Следува кај нас, како што рековте, внатрешна истрага, доставување на извештаи, отворање на постапки и сето тоа. Јас не би сакал да прејудицирам каков ќе биде исходот од таа постапка, меѓутоа си тече и ќе се одвиваат во наредниве недела, две, да не вршиме притисок тука. – изјави директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на 10.01.2019 година.
Но, што згрешиле двајцата посетители на Груевски и во каква постапка се утврдени евентуални грешки? Тоа беа прашањата на 360 Степени до Царинската управа на што го добивме следниот одговор:
– Во врска со Вашите прашања кои се однесуваат на царинските службеници кои патуваа во Будимпешта на средби со поранешниот премиер Никола Груевски, Ве информираме дека постапката е се уште во тек. По нејзино завршување, навреме ќе Ве известиме за исходот.
Освен прашањето на кривична, за цело време по бегството на Груевски е отворено и прашањето за другите видови одговорност. Скопскиот кривичен суд веднаш отфрли вина во своето постапување, бидејќи од СЈО не побараа притвор за Груевски кога беше осуден. СЈО одговори дека барале притвор уште пред да почне да му се суди, што пак било одбиено од Кривичниот суд.
Немаше ниту политичка одговорност, иако дел од невладиниот сектор инсистира на тоа. Марко Трошановски води една од петте организации кои минатата недела побараа оставки од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорите на УБК и на Агенцијата за разузнавање, на што добија и одговор од Владата.
– Реакцијата на Владата се однесува на кривичната одговорност, во најголем дел, дека не се меша во работата на јавното обвинителство коешто е за поздравување. Но, фокусот на граѓанските организации, нивните три реакции изминатите неколку месеци беше утврдување на политичка одговорност. Како општество мораме конечно да почнавме да ја практикуваме. Всушност, еден и од главните аргументи, наративни на сегашната власта, кога беше во опозиција, беше отсуството на одговорност и барањето од тогашните ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и мислам дека треба да почне да се практикува она што се проповеда.- изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Во меѓувреме, јавноста веројатно ќе продолжи повремено да гледа фотографии и видеа од Груевски, како го поминува времето во Будимпешта или во други метрополи. Но, сосема извесно е дека, со време, тоа се помалку ќе биде вест за разлика од интересот на јавноста за тоа – како и со чија помош Груевски избега од Македонија.
Напишете коментар