„Ако го напуштивте Села поради тоа што, како што велите, неговото крило отиде со ДУИ, каде е тогаш логиката сега да стоите до Таравари, кој се враќа и кај Села и кај Ахмети?“, прашуваат од коалицијата на Албанците во власта
„Бегот“ од Гостивар, Арбен Таравари решил да се врати во Демократската унија за интеграција (ДУИ), која не може да се дефинира поинаку, освен како казан во кој вријат кражби, криминал и корупција. Ова е денешната реакција од коалицијата ВЛЕН, од каде посочуваат и дека Таравари од Алијанса за Албанците (АА) се обидува да ги прошверцува и пратеничките мандати што беа добиени во име на промената.

„Пред само една година, кандидатите за пратеници што сега се пратеници на Алијанса за Албанците, под логото ВЛЕН, од врата на врата им велеа на граѓаните: ‘Ние сме промената‘, ‘Ние не одиме со ДУИ‚, ‘Зијадин е предавникот зашто сакаше да го и го продолжи владеењето на ДУИ‘“,
велат од ВЛЕН.
Упатија прашање до поддржувачите на Таравари:
„Ако го напуштивте Села поради тоа што, како што велите, неговото крило отиде со ДУИ, каде е тогаш логиката сега да стоите до Таравари, кој се враќа и кај Села и кај Ахмети?“
Сметаат дека Таравари работи на своето предвремено пензионирање, а дека ВЛЕН ќе остане штитот на Албанците, и дека сега е моментот сите да застанат на вистинската страна.
„Таравари и Ахмети рака под рака во пензија, ВЛЕН рамо до рамо со албанскиот народ, кон нови победи и цели“,
велат до ВЛЕН.
Инаку, крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи. Тоа не беше прифатено од коалициските партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Арбен Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
ОД ДУИ денеска изразија разочарување од однесувањето на коалицијата на Албанците – ВЛЕН во власта.
Дополнително, ги прашуваа ВЛЕН дали се свесни оти премиерот оди наоколу и добива пофалби дека им го покажал местото на Албанците, и дека тие се дел од тој фолклор.