Исмаиловиќ, според неговиот адвокат, чекал одобрение на барањето за азил во Косово, а, како што пишува порталот „Газета експрес“, бил уапсен случајно, кога бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа
Африм Исмаиловиќ, македонски државјанин, еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, е упасен вчера во Приштина, откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа, објави денеска порталот „Газета експрес“.
Неговиот адвокат Бесник Бериша изјави дека по проверката на кривичната историја на неговиот клиент, е утврдено дека за него има меѓународна потерница и притоа надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор.
Според Бериша, приведувањето е незаконско, бидејќи за истото кривично дело Исмаиловиќ бил осуден порано и ослободен, а во моментов чекал да завршат процедурите во однос на неговото брање за азил во Косово.
Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Алил Демири, на 23 февруари годинава во повтореното судење за петкатното убиство кај Смилкоско езеро беа осудени на доживотен затвор за теоризам. Двајца други обвинети за помагање, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15, односно девет години затвор. Сами Љута, пак, доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негов прогон бидејќи немаше докази.
Покрај Африм Исмаиловиќ, во бегство во Косово е и Алил Демири, од каде косовските власти со години не ги екстрадираат.