Бегај нагласи дека е дојден во Скопје да реафирмира еден факт – дека односот меѓу нашите две земји е изграден врз совесен политички избор и врз основа на убедувањето дека нашата стабилност е заедничка
Регионалната соработка е клучен елемент за приближување кон Европската Унија. Европската интеграција не е само цел на Албанија, туку е заеднички проект и стратешка насока за развој на нашата држави. Нашите држави заслужуваат поголема поддршка на патот кон евроинтеграциите, затоа што членството не е само природен процес, туку заслужен процес од кој корист ќе имаат и регионот и ЕУ. Оваа порака денеска во Собранието ја истакна албанскиот претседател Бајрам Бегај кој престојува во официјална посета на земјава.

„Европа не е само дестинација – тоа е стандард. Тоа е владеење на правото, функционални институции и еднаквост за сите граѓани. Северна Македонија има преземено тешки решенија и Албанија ве поддржува без никакви пречки. Отворените прашања со соседите и историските дебати влијаат врз довербата, но веруваме дека решението е во дијалог и договорите за реформи. И Албанците и Македонците знаат дека на Балканот се произведува повеќе политика отколку што може да се консумира. Знаеме дека на Балканот историјата била често многу гласна. Но, иднината мора да биде појасна и поблагодарна. Соседството не е само географска реалност. Сè што ќе се случи на меѓународен план, Албанија и Северна Македонија ќе останат соседи. Географијата не се менува, но квалитетот на нашите односи зависи од нас. Не станува збор колку сме блиску – туку колку сме силни заедно и ќе соработуваме, координираме и колку визионери ќе бидеме“,
рече Бегај.
Албанскиот претседател потенцира дека е дојдено време да одиме заедно кон интегриран, поконкурентен и поправеден регион.
„Да ја продлабочиме нашата економска соработка, да ја зацврстиме координацијата во НАТО, да градиме инфраструктура, образование и култура. Заедно да го заштитиме Охридското Езеро како наследство за идните генерации. Да создадеме повеќе можности за младите и да градат иднина во нашите земји. Да вложуваме во човечки односи, за нашата врска да биде пример за регионот, како од недоразбирања создадовме партнерство. Време е да одиме заедно кон интегриран, поконкурентен и поправеден регион. Во ѕидовите на ова на Собранието чука срцето на мултиетничка држава. Албанија ќе биде тука, не само како сосед, како економски партнер, не само како сојузник во НАТО, туку како поддржувач кој верува во вашиот модел и нашата заедничка евроатлантска иднина. Да работиме за нашите деца да растат во регион каде границите се само административни показатели на мапата и каде иднината е една, во европското семејство“,
рече тој.
Бегај нагласи дека членството во НАТО ја гарантира нашата безбедност, но бара и активен придонес.
„Ние сме членки на НАТО, што не е само формално присуство, туку тоа е стратешко ангажирање и заедничка одговорност. Членството во НАТО ја гарантира нашата безбедност, но бара и активен придонес. Албанија и Северна Македонија учествуваат во мисии и заедно споделуваат тежина за заштита, токму во момент кога безбедноста е под прашалник. Заштитата на критичната инфраструктура и енергетската координација се конкретни прашања каде мора да се заснова нашата блиска соработка. Албанија има неколку проекти со НАТО кои ја засегаат и регионалната безбедност. Следната година ќе се одржи самитот на НАТО во Албанија. Република Албанија ја поддржува Република Косово за нејзино членство во меѓународните организации. Не е праведно што Косово остана надвор од евроатлантските процеси. Албанија ја цени Северна Македонија за соработката со Косово, за поддршката, за тоа што бевте меѓу првите кои ја признаа неговата независност. Ова е инвестиција во безбедноста на целиот регион“,
рече албанскиот претседател.
Бегај нагласи дека е дојден во Скопје да реафирмира еден факт – дека односот меѓу нашите две земји е изграден врз совесен политички избор и врз основа на убедувањето дека нашата стабилност е заедничка.
„Нашите две држави споделуваат интереси, предизвици и заедничка визија кон Европа. Ние соработувавме, надминувајќи ги сите пречки, но нашите односи имаат позитивно влијание и на регионот. Тие остануваат важен столб на стабилноста, регионалната соработка и нашата евроатлантска ориентација. За Албанија, Северна Македонија е главен фактор во зачувувањето на мирот, безбедноста и меѓуетничката кохезија. Република Албанија беше првата држава што ја призна, и една од првите што го ратификуваше договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Кога економската изолација беше ризик за државата, тогаш пристаништето во Драч беше отворен за вас. Историјата на нашите држави покажува успех изграден врз основа на градење на мостови за комуникации, вредности и заеднички интереси. Како земји членки на НАТО, заедно патуваме кон членството во Европската Унија. Ние сме држави со стабилна прозападна ориентација и земји кои силно соработуваме со САД. Надминавме многу предизвици и учевме од заедничките искуства“,
рече тој.
Бегај истакна дека Коридорот 8 е интегрален регионален проект кој ја поставува Македонија и Албанија во срцето на една стратешка оска.
„Коридорот 8 е најдобриот пример како се спојува безбедноста и економијата. Тој ја намалува дистанцата, ги намалува трошоците и ја зголемува конкурентноста. За бизнисот е трговска артерија, а за граѓаните можност за вработување. За регионот е порака за безбедност затоа што соработката е секогаш подобра од изолацијата. Коридорот 8 е интегрален регионален проект кој ја поставува Македонија и Албанија во срцето на една стратешка оска. Оваа година носи нови предизвици. Европската безбедност денес не се мери само со изјави, туку и со соработа. Инвестицијата во Коридорот 8 е истовремено инвестиција во општествена заштита и регионална соработка“,
посочи претседателот на Албанија.
Бегај истакна дека Албанија смета дека правичното и рамноправното решавање на албанското прашање, како и употребата на албанскиот јазик, се клучни за стабилноста и перспективата на земјата.

„Охридскиот рамковен договор докажува дека дијалогот може да ја победи кризата, колку и да е длабока. Албанија го цени Охридскиот договор како историско постигнување. Вие сте дел од Собрание што создаде историја и стана модел за други држави кога го усвои каде се покажува дека има мултиетничко, плуралистичко и демократско општество. Реалноста и показателите не можат да се споредат. Но, време е да се реафирмира ангажирњето кон Охридскиот рамковен договор. Албанија смета дека правичното и рамноправното решавање на албанското прашање, како и употребата на албанскиот јазик, се клучни за стабилноста и перспективата на земјата. Времето ни покажа дека одлуките кои се однесуваат на сите граѓани мора да бидат донесени за сите граѓани, независно од етничка, верска или политичка припадност. Албанскиот фактор во Северна Македонија бил и ќе остане државотворен, конструктивен и демократски фактор. Албанците биле и остануваат главен столб на стабилноста, и во владата и во евроинтеграциите. Но, оваа реалност е успех на сите граѓани, затоа што мултиетничка држава може да функционира само кога сите се претставени и еднакви пред законот“,
рече тој.
Бегај истакна дека последните случувања во Европа ни покажале дека нашиот регион останува еден од најчувствителните и оти политиките на нашите држави треба да се адресираат на владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите.
„Агресијата врз Украина, како и случувањата во Банско, покажуваат дека слободата и демократијата сè уште се под закана. Нашиот регион останува еден од најчувствителните региони. Затоа, нашите политики за безбедност треба да адресираат не само традиционални предизвици, туку и владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и довербата на граѓаните во институциите“,
рече албанскиот претседател Бегај.
