Државната изборна комисија (ДИК) го потврди новиот пратеник во Собранието, Бедри Фазли, кој доаѓа на местото на Флорин Бесими, кој си поднесе оставка.
ДИК на седница предмалку едногласно го усвои извештајот дека Фазли е следен од листата кандидати на ДУИ во шестата изборна единица и му издаде уверение откако тој претходно ја информирал Комисијата дека го прифаќа мандатот.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, ја задолжи потпретседателката Дитмире Шеху да го достави извештајот до Собранието за таму да продолжи постапката за верификација на мандатот на Фазли.
Седницата на ДИК следуваше откако Собранието претпладнево ја констатира оставката на Флорин Бесими, кој ја најави кога ДУИ објави дека ќе го предложи неговиот брат Фатмир Бесими за министер за финансии.
Со усвојувањето на извештајот за новиот пратеник не заврши седницата на ДИК. Претседателот Дерковски најави дека дава пауза со оглед дека од Собранието е најавен нов извештај до комисијата.
Се очекува во текот на денот во парламентот да дадат оставка и пратениците што ќе заминат на министерски функции – седум од СДСМ и еден од ДУИ, по што и за нив ДИК ќе треба да констатира кои се следните пратеници што ќе седнат на нивни места.
Во Собранието на седницата, која беше прекината по констатацијата на оставката на Бесими, се очекува да биде утврден и бројот на потпретседатели (според предлог-одлуката ќе бидат најмногу пет) и евентуално најавените оставки.
Заев утре ќе ја предложи владата, Ахмети и Mеџити се разбрале
Мандатарот Зоран Заев денеска најави дека со оглед на тоа што процедурите ќе траат долго во Собранието денеска, предлогот за составот на новата влада најверојатно ќе го достави утре.
Веќе подолго време во јавноста се говори за несогласувања во ДУИ околу предложените кандидати за министри, а тие се најизразени кај партиските ограноци на ДУИ во Чаир и во Сарај, со што во прашање се доведуваа гласовите за поддршка на новата влада на Изет Меџити и уште една пратеничка од Чаир, како и гласот на Арбен Зибери од разгранокот во Сарај.
Но Меџити денеска во изјава за медиумите пред почетокот на собраниската седница изјави дека дека ќе гласа за новиот владин состав, иако, како што рече, има забелешки, додавајќи дека сепак последниот збор го има лидерот на партијата Али Ахмети.
Со договорот за коалицирање меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, парламентарното мнозинство треба да брои 62 пратеници, а за избор на владиниот состав се потребни најмалку 61 глас во Собранието.
Доколку, според најавите, мандатарот Заев утре до Собранието го достави предлогот за состав на новата влада, на пратениците ќе им бидат ставени неколку дена да се запознаат со кандидатите и владината програма, а седницата за оваа точка би била закажана в сабота, а гласањето би било в недела.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во изјава за ТВ 21 рече дека додека не биде доставен предлогот тој не може да каже кога ќе има седница.