
Флакрон Беџети, портпаролот на Алијансата за Албанците, на новинарско прашање истакна дека тие како политички субјект биле заинтересирани за трипартиска коалиција, но Движењето Беса ја сметала за несериозна, дури и, како што рече, навредлива.
„Ние, како политички субјект бевме заинтересирани за трипартиска коалиција, но меѓутоа Движењето Беса досега ја одбиваше нашата понуда, која беше сериозна, амбициозна. Таа понуда имаше за цел да ја промени ситуацијата кај албанскиот политички блок, но меѓутоа тоа не зависеше само од нас“, рече Беџети.
Според него, намерата била партиите од албанскиот блок да се спојат во еден столб кој ќе биде предводен од Алијансата за Албанците.
„Со соединувањето во еден столб сакавме да ја поразиме ДУИ и да донесеме политичка промена во албанската политичка сцена. Ќе продолжиме да создаваме попроширени коалиции и со јавниот сектор, затоа што секогаш сме заинтересирани сите Албанци кои сакат да направат промени да бидат дел од овој столб“,
потенцира Беџети.
И лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во неколку наврати претходно велеше дека намерата е партиите од албанскиот блок (Алијансата за Албанците, движењето Беса на Билал Касами и Алтернатива на Гаши), сплотени да ѝ конкурираат на партијата на Али Ахмети, ДУИ, како предизборна коалиција но, идејата пропадна.