11-месечното бебе било во градинката само 2 часа и 30 минути и за овој период се здобило со повреди под десното око, гребнатини по телото и скршеница на клучната коска, пишува ТВ Телма
Имер Салиу, таткото на 11-месечното девојче вели дека неговото дете вчера било тешко повредено во градинката „8 Април“ во скопската општина Шуто Оризари. Според него, детето добило повреди во пределот на телото, а има и скршеница на клучната коска. За повредите, вели, се сомнева во неажурноста и невниманието на две вработени негувателки кои воедно не го информирале навремено семејството. Салиу вели дека неговата сопруга го зела детето од градинка, а првите знаци дека нешто не е во ред се појавиле откако не можеле да го смират детето кое константно без прекин плачело. Првично, сметале дека тоа се должи на тоа што девојчето сѐ уште се нема адаптирано на градинката, но подоцна ги забележале повредите, по што детето било однесено во Ургентниот центар, каде што добиле потврда дека детето има скршеница на клучната коска.
„Бебе од 11 месеци не може само да си ја скрши коската. Тоа бебе било под надзор од негователките кои во момент на настанатата повреда, дали се они фактор, дали они ја направиле или не внимавале, не знаеме. Бараме одговорност од сите надлежни институции“,
рече Салиу.
Потврда за настанот пристигна и од Министерството за внатрешни работи
„Синоќа во 19:50 часот во СВР Скопје, И.С.(28) од Скопје пријавил дека во текот на денот во детска градинка на подрачје на Шуто Оризари неговата малолетна ќерка се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во Ургентен центар во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’. Според пријавеното, неговата сопруга ја однела нивната ќерка во градинката околу 08:00 часот и, бидејќи е во период на адаптација, ја зела во 10:00 часот. Исто така, според пријавеното, кога го донела дома и почнала да го пресоблекува, девојчето не престанувало да плаче, по што го однеле во Ургентниот центар, каде што лекар ја констатирал повредата“,
велат од МВР.
Инаку семејството на бебето е во роднинска врска со поранешниот пратеник Шабан Салиу. Тие побараа одговори и од градоначалникот на општината Шуто Оризари, Курто Дудуш, а тој само кажа дека според него случајот има друга позадина, но ќе остави на надлежните да ја завршат својата работа.