Во саботата премиерите на Австрија, Чешка, Словенија, Бугарија и Летонија побараа итен самит на ЕУ, а денеска им се приклучи и Хрватска
ЕК им одговори дека самите го смениле правилото на распределба
Премиерите на Австрија, Чешка, Хрватска, Словенија, Бугарија и Летонија денеска повторно побараа од Европската унија да донесе „корективен механизам“ за да запре неправедната дистрибуција на вакцини против коронавирус меѓу земјите -членки.
„Мислам дека е важно да се најде техничко решение со Европската комисија и Европскиот совет, за да се испорачаат дополнителни дози вакцини на оние на кои им е направена неправда“,
изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц во Виена по состанокот со премиерите на шестте земји членки.
Премиерите на Чешка Андреј Бабиш, на Словенија Јанез Јанша и на Бугарија Бојко Борисов беа во Виена, додека премиерите на Хрватска Андреј Пленковиќ и Летонија Артурс Крисјанис Каринс учествуваа на состанокот онлајн.

Курц ја посочи Бугарија како земја која досега добила само една третина од планираните дози на вакцини во однос на бројот на населението, иако договорот во ЕУ е распределбата на вакцините да биде пропорционална на бројот на жители.
„Ми беше кажано дека земјите-членки на ЕУ треба да се воздржат од употреба на кинески и руски вакцини“,
рече бугарскиот премиер, чија земја, како и Чешка, се соочува со нов, силен бран на зараза.
Борисов додаде дека не треба да се бара „милост“, туку дека треба да се исправи неправдата. Јанша го предупреди Брисел за можна политичка криза доколку ваквата состојба продолжи.
„Офанзивата“ против сегашниот систем за дистрибуција на вакцините во ЕУ ја започна Курц минатата недела, бидејќи тој се соочува со зголемено незадоволство кај граѓаните во Австрија.
Во саботата му се приклучија уште четири земји кои побараа итен самит на ЕУ.
Од ЕК им одговорија дека земјите – членки сами инсистирале распределбата на вакцини да биде според потребите на земјит, аа не како што претходно било правилото, според бројот на населението.
Ги советуваа доколку сакаат можат да се вратат на старото правило.