Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто така е дел од Уставот. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според анализите овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација, велат од Сојузот на средношколци

Одржувањето на државната матура е законска обврска и државата е должна да ја спроведе во законски предвидениот рок, велат од Сојузот на средношколци.
„Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот. Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите. Како што кажавме и порано, ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование“,
велат од Сојузот на средношколци.
Според нив, можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нивните анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација.
„Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање“,
додаваат од Сојузот во денешното соопштение.
Од Сојузот на средношколци велат дека, според информациите со кои располагаат, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, како што е планирано.
„Сојузот ова го поздравува. Апелираме на разумност и сериозност и ги повикуваме надлежните државната матура да ја одржат во веќе одредените рокови“,
наведува Сојузот.
Штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, кој започна пред 15-ина дена, го доведува во прашање полагањето на државната матура. Од ДИЦ вчера најавија дека продолжуваат со штрајкот давајќи образложение дека ниту средбата која синдикалните претставници ја имаа со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не дала резултат по однос на нивните барања. Оттаму додадоа дека поради штрајкот во мирување ќе бидат сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар.
Од Министерството за образование и наука, пак, во вчерашната реакција на одлуката на вработените во ДИЦ да го продолжат штрајкот, велат дека правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но тоа не смее да биде на штета на учениците чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од полагањето на државната матура и стекнувањето со диплома.
МОН упати апел до раководството на ДИЦ и до членовите на Државниот матурски одбор да ги испочитуваат роковите за полагање на екстерните испити од државната матура кои се предвидени во календарот за тековната учебна година и додаде дека матурантите треба да бидат консултирани за секој нов предлог околу полагањето.