Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ утрово протестираат пред бараките на градската администрација поради неисплатени плати и К-15, пренесува МИА.
На оградата пред бараките на Град Скопје поставија транспаренти на кои пишува „Бараме плата и К-15“ и „Сметката да се одблокира“.
Упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска да се одблокира сметката на претпријатието, како и да добијат К-15.
Протестот е организиран од Независниот синдикат во Јавното претпријатие, кое е дел од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ).
Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот.
„Мицкоски пред да почне да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП ‘Улици и патишта‘ имаат земено плата, па оттаму е нејасно зошто Синдикатот протестира. Истовремено треба да ги информира дека за линеарно зголемување на плата и К-15, како барање на Синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ“,
се вели во соопштението испратено од селекторската адресата на претпријатието.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, според соопштението од „Улици и патишта“, треба да се изјасни зошто не се бори за правата на вработените во државното претпријатие „Железници“ во кое и самиот работи, а каде што платата доцни со месеци.
„Јасна е целта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, сè додека насилно не ги преземаат скопските јавни претпријатија, активно ќе ги напаѓаат секој ден со цел да креираат нови кризи, па дури и ќе организираат протести за плата која веќе е исплатена“,
пишува во соопштението.
Инаку, не е првпат вработените на ова претпријатие да реагираат на нередовните примања.
Посочија оти ЈП „Улици и патишта“ има долг од 240 милиони денари кон добавувачите на материјали, како и дека се соочува со недостиг на основни средства како нафта, ризла, тампон, рабници и слично.