Бајден накратко и категорично ги отфрли тврдењата на јужнокорејскиот колега за спроведување заеднички вежби
Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека Вашингтон не разговара за заеднички нуклеарни вежби со Јужна Кореја и покрај заканата од Северна Кореја.
Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јол претходно во интервју за весникот „Чосун илбо“ изјави дека Сеул и Вашингтон се ангажирани во разговори за спроведување заеднички вежби со користење нуклеарно оружје за ефективно одвраќање и дека Вашингтон е мошне позитивен во однос на идејата.
Сепак, Бајден накратко и категорично ги отфрли тврдењата на јужнокорејскиот колега.
На прашање од новинар во Белата куќа дали во моментов се разговара за заеднички нуклеарни вежби со Јужна Кореја, Бајден одговори: „Не“.
Тензиите на Корејскиот Полуостров повторно се зголемија откако Северна Кореја лансираше десетици проектили минатата година во серија тестови на оружје, вклучително и интерконтинентални балистички ракети.
Сеул повторно потврди дека се водат преговори со Вашингтон за заеднички воени вежби кои вклучуваат американски нуклеарни средства за да се спротивстават на растечките закани на Северна Кореја, неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден го демантираше тоа.
Канцеларијата на Јун го забележа одговорот на Бајден, но рече дека Бајден нема друг избор освен да каже „не“ кога директно ќе го прашаат без никаков контекст.