Џо Бајден благо го зголеми водството пред Доналд Трамп во сојузните држави чии гласови го носат сè поблиску до Белата куќа.
Меѓутоа, никој засега не се „осудува“ да го прогласи за победник на изборите во САД, а броењето гласови ќе продолжи и викендов.
За да биде избран за претседател, еден кандидат мора да собере 270 изборни гласови. Секоја сојузна држава носи одреден број на гласови, а според проекциите, актуелниот претседател Трамп досега има 213, додека Бајден има 253.
Државните каде броењето на гласови сè уште трае и не може да се проектира победникот, а кои ќе го решат победникот се Пенсилванија, Џорџија, Аризона и Невада. Броењето ќе продолжи и во текот на викендот.
Пенсилванија може да го реши победникот
Од четирите споменати, Пенсилванија е државата која носи најмногу изборни гласови – 20. Доколку Бајден победи, тие ќе се додадат на неговото конто и ќе има вкупно 273, што ќе значи дека тој е новиот претседател на САД.
Во изминатиот еден час, Бајден го зголеми водството за околу 3 000 гласови, и во моментов тој води со 19 584 гласови пред Трамп. Досега се избројани 96% од гласовите.
Од тие причини, ова е клучната држава за актуелниот претседател, без која тој нема да може да се задржи на функцијата. Републиканците од Пенсилванија апелираа до Врховниот суд да издаде наредба за одделување на гласачките ливчиња испратени по пошта и оние од денот на гласање откако претходно Трамп, без да наведе докази, тврдеше за изборни измами.
Најтесна разлика е во Џорџија
Џорџија е државата каде разликата во гласови е најтесна. До пред околу еден час таа изнесуваше околу 1 500 гласови, по што дојдоа повеќе гласови на контото на Бајден и тој во моментов води со 3 974 гласа. Во оваа држава избројани се 99 отсто од гласовите.
Џорџија носи 16 изборни гласови.
Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, претходно изјави дека очекува гласовите во таа држава повторно да бидат преброени заради тесната разлика помеѓу двајцата кандидати.
Бајден може да победи и без Џорџија и без Пенсилванија
Останатите две држави кои се клучни за тоа кој ќе ги води САД во наредните четири години се Аризона и Невада.
Џо Бајден од почетокот е во водство во овие држави и ако победи без разлика на резултатот во Пенсилванија и Џорџија, тој ќе биде следниот претедател на САД. Ова доаѓа од фактот што што Аризона носи 11, а Невада 6 изборни гласови или вкупно 17 – колку што му се потребни на кандидат на демократите за да стигне до 270.
Во Невада избројани се 93% од гласовите и Бајден е во водство од 22 657 гласа.
Во Аризона, пак, на избројани 94%, тој води со 38 455 гласови. И во оваа држава, броењето ќе продолжи и во текот на викендов, а државната секретарка на Аризона, Кејти Хобс, во последните процени рече дека остануваат околу 250 000 необработени гласачки ливчиња.