Американскиот претседател го опиша тонот на самитот како позитивен, ама додаде дека го предупредил рускиот претседател за какво било мешање во изборите во САД
Американско-руските односи мора да бидат стабилни и предвидливи, изјави американскиот претседател Џо Бајден ,на прес-конференција по средбата во Женева со неговиот руски колега Владимир Путин.
Бајден оцени дека со претседателот на Русија споделуваат заедничка одговорност во однос на воспоставувањето постабилни односи на двете силни земји.
На почетокот на прес конференцијата во Женева, Бајден констатираше дека денеска бил долг ден за сите, пренесува МИА.
„Само што го завршив последниот состанок на ова патување. Се крена многу прашина околу оваа средба. Не постои подобар начин за дијалог освен лице в лице“,
потенцираше Бајден.
Тој нагласи дека му рекол на Путин дека човековите права секогаш ќе бидат тема. Бајден нагласи дека неговата агенда не е против Русија или која било друга земја, туку агенда за американските граѓани, вклучително со борба против пандемијата на коронавирусот, закрепнување на американската економија, обновување на односите, со сојузници и пријатели на САД низ целиот свет, заштитувајќи ги американските граѓани.
„Човековите права се она што сме ние како Американци. Како може јас да бидам претседател на Соединетите Американски Држави, а да не зборувам за прекршување на човековите права“,
рече Бајден.
Тој оцени дека со Путин постигнале многу за време на состаноците во Женева. Посочи дека зборувале за човековите права, како и за затворањето на опозицискиот лидер во Русија Алексеј Навални.
„Ако Навални умре во затвор, последиците за Русија би можеле да бидат поразителни“,
оцени американскиот претседател.
Бајден го опиша тонот на самитот со Путин како позитивен. Тој, сепак, додаде дека го предупредил Путин за какво било мешање во изборите во САД.
„Јас јасно објаснив дека нема да толерираме обиди за кршење на нашиот демократски суверенитет или за дестабилизација на нашите демократски избори и дека ќе одговориме на ваквите обиди“,
нагласи американскиот претседател.
Тој рече дека поголемиот дел од времето разговарал со Путин за кибер безбедноста.
Зборувале и за заедничката работа во односите со Иран и за повлекувањето на американската војска од Авганистан.
Што се однесува на Украина, Бајден изрази непоколеблива посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Коментирајќи го времетраењето на средбата, околу три часа, што е помалку отколку што предвиде Белата куќа, Бајден нагласи дека состанокот на двајцата челници е извонреден подвиг, без оглед на времетраењето.