Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин нема да одржат заедничка прес-конференција по нивниот самит во Женева на 16 јуни, но тоа според Кремљ не значи дека очекувањата од оваа средба се мали.
„Тоа апсолутно не значи тоа. Во Велика Британија, Бајден и (британскиот премиер Борис) Џонсон исто така не одржаа заедничка прес-конференција. Смериканскиот претседател едноставно претпочита да комуницира одделно со новинарите“,
изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, пренесе руската агенција ТАСС.
Белата куќа претходно денеска објави дека американскиот претседател Бајден ќе одржи посебна прес-конференција по средбата со Путин во Женева.
Песков додаде дека Путин, кога ќе завршат разговорите, ќе се обрати на група репортери.
Средбата меѓу Бајден и Путин ќе биде првиот руско-американски самит по онаа на Путин со Доналд Трамп во Хелсинки во јули 2018 година.