Станува сè појасно и појасно дека Путин само се обидува да ја избрише идејата дури и дека може да се биде Украинец. И доказите за тоа се зголемуваат, изјави американскиот претседател во Ајова
Сенатот на САД минатиот месец едногласно усвои резолуција со која рускиот претседател Владимир Путин се прогласува за воен злосторник
Американскиот претседател Џо Бајден го обвини претседателот на Русија Владимир Путин за геноцид во Украина. На настан во Ајова, тој за време на говорот за цените на горивото, меѓу другото, ја обвини Русија за геноцид. Подоцна новинарите го прашаа да појасни дали навистина споменал такво нешто.

„Да, јас го нареков тоа геноцид. Станува сè појасно и појасно дека Путин само се обидува да ја избрише идејата дури и дека може да се биде Украинец. И доказите за тоа се зголемуваат. Различно е од минатата недела. Сè повеќе докази излегуваат од ужасните работи што Русите ги направија во Украина. А ние ќе дознаваме сè повеќе и повеќе за уништувањето. И ќе им дозволиме на адвокатите да одлучат дали ова така ќе се квалификува или не, но така ми изгледа“,
изјави Бајден.
Геноцидот се смета како најтешкото злосторство против човештвото – масовно истребување одредена група луѓе.
Минатиот месец и американскиот државен секретар Антони Блинкен ја обвини Русија дека извршила воени злосторства со нападите врз цивили во Украина.
Сенатот на САД претходно едногласно усвои резолуција со која рускиот претседател Владимир Путин се прогласува за воен злосторник.
Со Резолуцијата поднесена од републиканскиот сенатор Линдзи Греам и поддржана од сенаторите на двете страни се охрабрува Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг и другите земји да ја земат за цел руската војска во секоја истрага за воени злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина.
На ваквите квалификации се придружија голем број западни лидери.
Поранешната обвинителка за воени злосторства Карла дел Понте го повика Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин.