Поранешната обвинителка за воени злосторства смета дека тоа е единствениот иструмент кој овозможува сторителот на воени злосторства да биде уапсен и изведен пред МКС
Поранешната обвинителка за воени злосторства Карла дел Понте го повика Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува АФП.
„Путин е воен злосторник“,
рече Дел Понте (75), која ги истражуваше воените злосторства во Руанда и поранешна Југославија во интервју за „Ле Темпс“.
Дел Понте, која со години работеше и во комисијата на ОН која ги истражуваше злоупотребите на правата во сириската војна, истакна дека издавањето налог за апсење ќе сигнализира дека истрагата е завршена.
„Тоа е единствениот постоечки инструмент што дозволува сторителот на воени злосторства да биде уапсен и изведен пред МКС“,
рече таа.
Дел Понте призна дека налогот за апсење не мора да значи дека Путин ќе биде уапсен.