„Не разбирам како некој може да мисли дека диктаторот ќе биде задоволен откако ќе му дадете нешто. Тоа не е начин на размислување што го разбирам. Глупаво е да се мисли дека Путин ќе застане кај Украина. Тој сè уште жали за распадот на СССР и сака нов Варшавски пакт“, рече Бајден коментирајќи ги изјавите дека Украина мора да се откаже од територија за да се запре крвопролевањето
Џо Бајден, во своето прво интервју за Би-би-си откако ја напушти Белата куќа, рече дека притисокот на администрацијата на Доналд Трамп врз Украина да ѝ отстапи територија на Русија претставува модерно смирување, алудирајќи на политиката на задоволување на Адолф Хитлер кон крајот на 1930-тите години.

Зборувајќи во Делавер, поранешниот американски претседател рече дека рускиот претседател Владимир Путин верува оти Украина е дел од Русија и додаде:
„Секој што мисли дека тој ќе престане ако му дадат територија, е едноставно наивен“.
Зборувајќи по повод 80-годишнината од Денот на победата во Европа, Бајден предупреди дека односите меѓу САД и Европа би можеле сериозно да бидат оштетени под водство на сегашниот претседател Доналд Трамп.
„Тоа би ја променило модерната историја на светот“,
рече Бајден.
Критика кон Трамп и неговата политика кон Украина
Во интервју за Би-би-си Радио 4, Бајден се осврна и на неговата одлука да се повлече од претседателската трка во 2024 година, само четири месеци пред изборите, по слабиот настап во дебатата што покрена сомнежи за неговата ментална и физичка подготвеност.
На прашањето дали требало да се откаже порано, Бајден одговори:
„Мислам дека тоа немаше да смени многу. Заминавме во време кога имавме добар кандидат.“
Поранешниот претседател остро ги критикуваше предлозите на Трамп, како што се враќањето на Панамскиот Канал, купувањето на Гренланд и приклучувањето на Канада како 51. држава на Соединетите Американски Држави.
„Кој претседател го вели тоа? Не сме ние. Ние сме за слобода, демократија и можности, а не за присвојување“,
рече тој.
На Украина ѝ дадовме сè што ѝ беше потребно за да ја одбрани и зачува својата независност
Бајден рече дека неговата администрација ѝ дала на Украина сè што ѝ било потребно за да ја одбрани и зачува својата независност и дека биле подготвени да дејствуваат уште порешително доколку Путин повторно го ескалирал конфликтот.
Тој, исто така, ги коментираше изјавите на администрацијата на Трамп, вклучително и на потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој рече дека границите треба да бидат замрзнати близу до местото каде што се сега и дека двете страни ќе мора да се откажат од нешто. Министерот за одбрана Пит Хегсет ја нарече идејата за враќање на границите од 2014 година нереална.
Бајден одговори: „Тоа е модерно смирување“ и повлече паралела со британскиот премиер Невил Чемберлен, кој во 1930-тите години се обиде да го задоволи Хитлер за да избегне војна, што се покажа како катастрофално.
Страв од губење на европската доверба
Бајден предупреди дека Европа би можела да ја изгуби довербата во САД.
„Лидерите се прашуваат – што сега? Можат ли сè уште да се потпрат на САД? Дали ќе бидат со нас?“,
рече тој.
Трамп претходно изјави дека очекува Русија да го задржи Крим, анектиран во 2014 година, и го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за поткопување на мировните преговори кога ги отфрли предлозите на САД.
Според извештаите, најновиот предлог од администрацијата на Трамп вклучува признавање на руската контрола врз делови од окупираната територија, вклучувајќи го и Крим – иако Белата куќа сè уште официјално не го потврдила ова.
Не ја разбирам логиката на попуштањето пред диктаторите
Бајден, исто така, ги коментираше изјавите дека Украина мора да се откаже од територија за да се запре крвопролевањето.
„Не разбирам како некој може да мисли дека диктаторот ќе биде задоволен откако ќе му дадете нешто. Тоа не е начин на размислување што го разбирам. Глупаво е да се мисли дека Путин ќе застане кај Украина. Тој сè уште жали за распадот на СССР и сака нов Варшавски пакт“,
рече Бајден.
Тој додаде дека се плаши оти некои членки на НАТО што граничат со Русија би можеле да заклучат дека би било подобро да се направи компромис ако Украина се согласи на територијални отстапки.
Бајден, исто така, го критикуваше однесувањето на Трамп кон сојузниците, особено за време на неодамнешната средба со Володимир Зеленски во Белата куќа, кога Трамп и Венс остро го критикуваа украинскиот претседател и побараа да покаже поголема благодарност.
„Тоа беше под американските стандарди“,
рече Бајден.
Тој, исто така, се осврна на првите месеци од вториот мандат на Трамп, во кои имаше многубројни извршни одлуки и големи намалувања на владините трошоци.
На прашањето што мисли за новиот почеток на Трамп, Бајден одговори отсечно:
„Нека историјата го процени тоа. Не гледам ништо триумфално во тоа“.