Соработниците на американскиот претседател велат дека без дополнителна воена помош за Украина, Русија би можела да победи во војната за неколку недели, најмногу за неколку месеци
Американскиот претседател Џо Бајден при вчерашниот говор во Белата куќа предупреди дека откажувањето на финансиската помош за Украина може да доведе до криза во балканските земји.
„Ако ние заминеме, а Русија го издржи нападот и ја победи Украина, што мислите дека ќе се случи во балканските земји? Што мислите дека ќе се случи од Полска до Унгарија?“,
праша тој.
HAPPENING NOW:
— Alex Raufoglu (@ralakbar) January 19, 2024
Biden: “If we walk away and Russia is able to sustain their onslaught and bring down Ukraine, what do you think is going to happen in the Balkan counties?
What do you think is going to happen from Poland to Hungary?”
#StandWithUkraine pic.twitter.com/IWSvW2y4ZZ
Соработниците на Бајден отворено им кажаа на членовите на Конгресот на приватна средба во средата дека ако Конгресот наскоро не одобри дополнителна воена помош за Украина, Русија би можела да ја добие војната за неколку недели, во најдобар случај за неколку месеци, пишува Ен-би-си њуз.
„Русија би можела да ја добие војната за неколку недели“,
додаде Бајден.
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан и директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс тогаш изјавија дека не е случајно што Путин го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата на Украина токму откако Конгресот не одобри повеќе помош минатиот месец, пишува хрватски „Индекс“.
Белата куќа на 27 декември објави намалување на количината на оружје и воена опрема за Украина. Иако европските нации, вклучително и Обединетото Кралство и Германија, обезбедуваат одредена финансиска поддршка, САД се најголемиот снабдувач на Украина со воена помош. Но, републиканците во Конгресот го задржуваат пакетот вреден десетици милијарди долари за идно воено финансирање за Киев. Додека Конгресот не го одобри тоа, нема да има нова поддршка.
Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари помош за Киев од почетокот на руската инвазија, но не одобри никакви средства откако републиканците ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом во јануари 2023 година.
Што ја чека Украина ако ја загуби воената помош?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и Бајден го повикуваат Конгресот да одобри нов пакет помош од 61,4 милијарди долари, но републиканците одбиваат да ја одобрат помошта без договор со демократите за зајакнување на безбедноста вдолж границата меѓу САД и Мексико. Но, дури и републиканците да попуштат и да се согласат да ја продолжат помошта, таа веројатно би била значително помала, се додава во натписот на „Индекс“.
Без дополнителна американска помош, проценуваат западните власти, Украина прво би останала без ракети со долг дострел, потоа без ракети за противвоздушна одбрана, а подоцна и без артилериска муниција и ракети со краток дострел, како што се противтенковски ракети „џавелин“и противвоздушни ракети „стингер“.
Зеленски има проблеми и со обезбедување дополнителна воена помош од Европската Унија. Имено, новата програма за помош на ЕУ вредна 50 милијарди евра за следните четири години требаше да биде договорена лани во декември. Унгарскиот премиер Виктор Орбан стави вето на планот доведувајќи ја во прашање корисноста на помошта за Украина и велејќи дека одлуката на ЕУ да ги замрзне средствата наменети за неговата земја е погрешна.
Но, претставниците на земјите членки пред десет дена со мнозинство гласови во Брисел одлучија да започнат преговори со Европскиот парламент за плановите за помош. Целта е да се овозможи што поскоро спроведување на програмата за помош по евентуалното одобрување на Орбан.
Доколку наскоро не се најде решение со Унгарија, другите членки на ЕУ имаат намера да дејствуваат како група од 26. За 1 февруари е најавен специјален самит на ЕУ за тоа како да се продолжи со помошта. Брисел се надева дека Унгарија ќе престане да дава отпор, за да избегнат дополнителни компликации.