Од ЦУК информираа дека возилото со помош на градежни машини е извлечено надвор од длабоките води и оти во моментов не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив
Автомобил марка „голф 4“ денеска паднал во реката Вардар и веќе е извлечен, но надлежните служби спроведуваат потрага по луѓе низ водотекот. Станува збор за возило со кумановски регистрации за кое тетовската полиција информира дека било пријавено дека околу 11:30 возило излетало од коловозот на мостот во тетовското село Желино и паднало во Вардар.
„Констатирано е дека во реката Вардар е паднато возило „фолксваген голф 4“, со кумановски регистарски ознаки. Во возилото кое е пронајдено и ќе се извлекува од реката засега не се пронајдени лица. На самото место се јавен обвинител, увидна екипа од СВР Тетово и други полициски службеници, кои ги пребаруваат водите на реката, а повикани ќе бидат и нуркачки екипи од МВР со цел да се пронајде возачот на возилото и евентуално други сопатници. Се расчистува и документира случајот“,
информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пак, информираа дека возилото со помош на градежни машини е извлечено надвор од длабоките води и оти во моментов не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив.
„Поради брзината, длабочината и заматеноста на водата, возилото во еден дел од речното корито е носено по течението, но за кратко време пропаднало во природен јаз и визуелно не се гледало. Во моментот не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив. Оперативниот центар на ЦУК веднаш оствари комуникација и координација со МВР – СВР Тетово, ТППЕ Тетово, Брза помош Тетово и ДЗС. МВР веднаш испратија нуркачки екипи од специјалната единица и тие се веќе на пат кон с. Желино, додека Дирекцијата за заштита и спасување праќа сопствени екипи за спасување од поплави кои се со седиште во Велес“,
велат од ЦУК.