Канцеларот Курц објави дека се завршени преговорите за набавка на руската вакцина
Австрија ги заврши преговорите за купување на руската вакцина против коронавирусот „спутник в“ и ќе набави милион дози, што ќе помогне за забрзување на процесот на имунизација, изјави канцеларот Себастијан Курц.
Тој за набавката на „спутник в“ разговараше во февруари со рускиот претседател Владимир Путин, а кон крајот на март почнаа преговорите со производителот.
Засега не е познато дали Австрија ќе чека официјално одобрување на руската вакцина од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА), а минатата недела од кабинетот на канцеларот е соопштено дека во следниот период ќе биде одлучено на кој начин „спутник в“ ќе биде лиценцирана.
Унгарија и Словачка засега се единствените членки на ЕУ кои ја набавиле руската вакцина, но во Словачка не се користи бидејќи се уште не е одобрена од националната Агенција за лекови.