Австрискиот министер за внатрешни работи објасни дека предупредувањето за тероризам е подигнато на т.н. „портокалово ниво“, односно втор највисок степен на безбедност. Посочи дека пред дипломатските претставништва во земјата веќе има зголемено полициско присуство, а зголемено полициско обезбедување се очекува и пред еврејските институции
Поради неодамнешната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и по терористичкиот напад во Брисел, Австрија одлучи да го подигне нивото на предупредување за заканата од тероризам.
Ова на денешната прес-конференција во Виена го објави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер, посочувајќи оти безбедносните власти гледаат закана и зголемен ризик од напад во Австрија.
Австрискиот министер објасни дека предупредувањето за тероризам е подигнато на т.н. „портокалово ниво“, односно втор највисок степен на безбедност. Според најавите на австриските власти, до 190 војници на Федералната армија треба да бидат распоредени за просторна и заштита на имотот, особено во Виена.
Дополнителните специјално обучени сили на Федералната армија, пак, треба да се користат првенствено за заштита на еврејските институции. Првиот човек на австриското МВР посочи дека пред дипломатските претставништва во земјата веќе има зголемено полициско присуство, а зголемено полициско обезбедување се очекува и пред еврејските институции.
Австрија последен пат ја крена безбедноста на ова ниво по терористичкиот напад во центарот на Виена на 2 ноември 2020 година. Во нападот загинаа четири лица, а повеќе од 20 беа ранети.