Британската агенција „Ројтерс“ објави дека на тројца тенисери кои исто така имале медицински исклучок за вакцинација како Ѓоковиќ, им бил дозволен влез во Австралија, со истата виза која ја имал Ѓоковиќ
Според најновите информации од српските медиуми, по барање на адвокатот на Новак Ѓоковиќ, австралискиот суд ја одложи одлуката до понеделник, откако тенисерот поднесе жалба поради тоа што му беше укината визата за влез во Австралија.
На Ѓоковиќ сношти му беше укината визата за влез во земјата со образложение дека не приложил доволно докази кои ќе го потврдат неговиот медицински исклучок од вакцинација против ковид-19. Британската агенција „Ројтерс“, пак, објави дека на тројца тенисери кои исто така имале медицински исклучок за вакцинација како Ѓоковиќ, им бил дозволен влез во Австралија, со истата виза која ја имал Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер во моментов е во карантин во хотел во Мелбурн, каде ја чека одлуката од судот за жалбата која ја поднесе поради забранетиот влез во Австралија.
Како што пренесува српската РТС, одлуката на австралискиот суд ќе биде донесена помеѓу недела и понеделник според српското време, кога дефинитивно ќе се знае дали светскиот првак во тенис ќе се натпреварува на овогодинешниот „Австралија опен“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека разговарал со Ѓоковиќ уверувајќи го дека „цела Србија е со него и оти српските власти прават сè што е во нивна моќ за веднаш да престане малтретирањето на најдобриот тенисер во светот“.
„Во склад со сите норми на меѓународното право Србија ќе се бори за Новак, вистината и правдата“,
истакна Вучиќ на Твитер.
Австралискиот премиер, пак, Скот Морисон рече дека е запознаен со тоа дека српската амбасада во Канбера поднела примедби и го демантираше трвдењето дека Ѓоковиќ е малтретиран.
„Австралија има суверени граници и јасни правила кои се недискриминирачки“,
рече Морисон, а пренесува РТС.
Срѓан, таткото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, ги повика граѓаните на Србија во 15 часот да протестираат пред Собранието за поддршка на најдобриот тенисер во светот.
„Денеска во 15 часот пред Собранието на Србија ќе се собереме да го поддржиме нашиот Ноле“,
напиша Срѓан Ѓоковиќ на својот Инстаграм профил.
